Бараа правда, па се задоволија со амнестија


Голем дел од обвинетите за 27 април се премислија, како што и повеќето политички актери во изминатите два месеци ги менуваа ставовите за т.н. помирување. Барања за амнестија до судот, според информациите, поднеле и обвинети кои во октомври годинава изјавуваа дека бараат правда, а не помилување, откако премиерот Зоран Заев ја пласираше од собраниската говорница идејата за „помирување и простување“, со цел пристапување кон уставни измени согласно со договорот од Преспа.
Од друга страна, иако соработници на премиерот тогаш тврдеа дека повикот за помирување не е предлог за амнестија, минатата седмица, сепак, беше донесен закон кој овозможува ослободување од одговорност на дел од обвинетите за крвавиот четврток во Собранието. Законот го поздравија и дипломати на ЕУ, иако во последниот извештај на ЕК за Македонија има препорака за целосно расчистување на настаните при изборот на Талат Џафери за претседател на парламентот.
Во „респектабилното“ мнозинство гласови „за“ за законот учествуваше и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што првично ја критикуваа идејата за селективна амнестија и се откажаа од учество во собраниското тело за помирување. Претходно, во парламентот не помина предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ за сеопфатна амнестија за 27 април кој, пак, беше поднесен откако опозицијата првично го отфрли повикот на Заев за помирување. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, тогаш, преку генералниот секретар Игор Јанушев, му порача на Заев дека не ја прифаќа понудата и го реактуелизира барањето за формирање ново обвинителство за расчистување на случаите.
– Правдата мора да стигне и затоа бараме нова обвинителска институција која ќе ги истражи сите случаи каде што има сомневање за нарушување на законот и која непристрасно ќе ги анализира фактите и доказите. Еве можност Заев да докаже дека е за вистинско помирување и за правда без условување. Ослободете ги луѓето од политичкиот прогон и од притвор. Потребна е правда за овие луѓе, со гаранција за пресумпција на невиност – истакна Јанушев.
Иако имаше информации дека барање за амнестија поднел и оперскиот пејач Игор Дурловски, кој беше еден од водачите на протестите што се одржуваа во парламентот, тој вчера се огласи преку Фејсбук дека ќе продолжи да ја докажува својата невиност пред судот.
– Се надевам дека со оваа одлука ќе ѝ ја одземам можноста на политиката да се постави над правичноста и судството. Во свое име и во име на моите пријатели од „Заедничка Македонија“ и на илјадниците чесни и мирољубиви граѓани кои ги исполнуваа улиците со љубов кон татковината ја отфрлам можноста да бидам дел од селективна правда и од понатамошните интриги со криење зад превезот на вашето политичко „помирување“. Вистинско помирување може да постигнеме само со правда, чест и морал – напиша Дурловски.
Обвинителката Вилма Русковска изјави дека се поставени основите за тоа кој од обвинетите за настаните во Собранието од 27 април ги исполнува условите за амнестија. Таа оцени дека законот, веројатно, ќе ги спаси од затвор пратениците Љубен Арнаудов, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, како и двајцата обвинети од кабинетот на тогашниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски. Но, лично смета оти организаторите на протестите пред парламентот – Дурловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски и Владо Јовановски не ги исполнуваат условите за да бараат амнестија.
До вчера попладне, односно пред истекот на рокот за барање амнестија, во Кривичниот суд во Скопје пристигнале 62 барања од обвинети, а веројатно и осудени лица за дела што не влегуваат во рамката на „селективната амнестија“, која не ги опфаќа оние кои на 27 април минатата година биле организатори или директни учесници во насилствата во парламентот. Според тоа, повеќето од оние кои се опфатени во судските процеси за крвавиот четврток се надеваат на амнестија, ако се има предвид дека вкупната бројка е околу 70 лица. Од судот не излегуваат со конкретни имиња за тоа кој бара амнестија, со образложение дека станува збор за лични податоци. Сепак, според информациите, покрај петтемина пратеници, амнестија побарал и Дамовски, кој, пак, пред два месеци се обрати со кратка порака до Заев, по неговиот повик за помирување: „Правда, а не амнестија“, напиша тогаш Дамовски на Фејсбук.
Од тие 62 барања за амнестија, 27 поднеле обвинетите во најголемиот судски процес што се води за упадот во Собрание. Правда од судот ќе чекаат обвинетите Јане Ченто, Игор Југ, Дурловски и Душко Лазаров, советникот на поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков. Извесно е дека овие четворица нема да бараат амнестија, а уште двајца од вкупно триесет и тројцата обвинети имаа рок до крајот на вчерашниот ден да го поднесат барањето.
За Законот за амнестија за 27 април гласаа и обвинетите пратеници Тарчуловски и Димовски, кои, за разлика од Мукоски, Арнаудов и Василески, на 19 октомври годинава не се приклучија кон мнозинството што ја донесе одлуката за пристапување кон уставни измени, по што беше направена и одреден кадровска чистка во ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот Ѓорге Иванов, пак, не чекаше до последниот рок да го потпише указот за стапување на Законот за амнестија на сила,туку тоа го направи набрзина, иако претходно силно го критикуваше договорот од Преспа, а потоа и уставните промени што произлегоа од него. (А.М.М.)