Амнестијата ќе ги претрка пресудите


Законот за амнестија ќе го претекне објавувањето на судските пресуди за насилствата во парламентот. Пратениците по брза постапка ќе им дадат помилување на своите колеги, кои лани ги отворија вратите на законодавниот дом, по што тие ќе бидат избришани од судската постапка и нема да слушнат дали и каква затворска казна ќе ги дочекаше доколку на 19 октомври не дигнеа рака за уставните измени. Иако правно се чисти, се поставува прашањето каква е правната основа и нивниот морален кредибилитет и натаму да ја извршуваат пратеничката функција бидејќи речиси сигурно без амнестијата ќе беа осудени на високи затворски казни.

Токму тоа е една од причините што во собраниските ходници се одвива трка со времето. Извори од Собранието брифираат дека според првично предвидената динамика, за законот за селективна амнестија требало да се расправа на првата наредна закажана седница на 24 декември. Но, планот морало да се менува во од поради информациите што пристигнувале од Кривичниот суд во Скопје, каде што се одвива судскиот процес за крвавите случувања. Имено, Обвинителството најавува давање завршни зборови во текот на идната недела што значи дека веднаш потоа ќе следи и објава на пресудите против 33 обвинети.

Ризикуваа затвор над пет години

За да не се случи пресудата да биде објавена пред да ја изгласаме амнестијата, законот го ставивме на седница веќе в понеделник. Клучно е прво да имаме амнестија за да не дојде до пресуди против пратениците“, вели нашиот извор.

Поентата е во тоа што за пратениците што ќе има амнестија судската постапката прекинува, како што за нашиот весник објасни судијката Добрила Кацарска, која го води случајот. Во спротивно, доколку беше обратно, обвинетите пратеници ризикуваа да добијат затворска казна повисока од пет години, имајќи ја предвид тежината на кривичното дело што им се става на товар, а тоа, пак, би значело автоматско одземање на нивниот пратенички мандат. Имено, во Законот за Собрание се предвидува дека на пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран доколку е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, а ако им се случи тоа, тие можат повторно да добијат амнестија, но нивниот пратенички мандат ќе биде дискредитиран.

Да не се лажеме, јасно им е на сите дека законот за амнестија и целиот процес на помирување е со цел да се обезбеди двотретинско мнозинство за договорот со Грција. Тоа беше еден од условите на сега независните пратеници да ја поддржат спогодбата“, признава нашиот соговорник.

За донесување на законот за амнестија е доволно просто мнозинство во парламентот под услов да гласаат најмалку 61 пратеник, а тоа нема да биде проблем за владејачката коалиција. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера рече дека партијата ќе застане зад секое решение што ќе биде од корист за лицата што се под политички прогон на оваа влада. Тој нагласи оти амнестијата требаше да важи за сите.

Селективната амнестија нема да важи за организаторите на упадот, лицата што извршиле насилство и полициските функционери на чело со ексминистерот за внатрешни работи Митко Чавков, кои ќе одговараат во командна одговорност. Останатите можат да побараат амнестија во рок од пет дена по донесувањето на законот. На прашањето како собраниското тело ќе утврди кој бил организатор или насилник доколку пред себе ја нема судската одлука, извори од Собранието објаснуваат оти ќе се раководат според обвинителниот акт.

Недостојни да ја вршат функцијата

Оние што не ја прифаќаат амнестијата ќе можат да продолжат да ја докажуваат својата невиност преку постоечкото обвинение и врз основа на друг член: здружување заради непријателска дејност. Обвинителката Вилма Русковска изјави дека нема да врши преквалификација на делото сè додека законот не стапи во сила.

Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски ќе влезат во амнестираното друштво, додека опозиционерите Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски сè уште не се изјаснуваат. Примерот со пратеничкото трио уште еднаш ја отвора дилемата дали тоа што ќе се спасат од правдата им отвора можност и натаму да ја извршуваат пратеничката функција бидејќи без амнестијата реално ќе ја изгубеа.

Никако, нема што тука да се разговара, тие веднаш треба да си дадат оставка. Амнестијата не е последица на право, туку на договор што е во функција да се постигне нешто друго. И во ред, замижуваме пред таа возвишена цел, со цел утре работите конечно да тргнат напред, но амнестираните пратеници мора да си заминат од функцијата“, директен е социологот Илија Ацески.

Во Собранието велат дека на амнестираните пратеници ќе им биде подадена рака за спас од евентуална затворска казна, но нема да се бара од нив да поднесат оставка. Тоа ќе биде оставено на нивната совест, иако постои уште една можност за нивно отповикување. Согласно донесениот кодекс, ќе може некој од пратениците да побара нивно отповикување со образложение дека не се достојни да ја извршуваат пратеничката функција. Но доколку амнестираните дадат оставка или бидат отповикани, на нивно место доаѓаат првите од листата на ВМРО-ДПМНЕ, што ќе значи засилување на опозициските редови, така што тоа не им е во интерес на владејачките партии.

Се очекува законот за селективна амнестија да опфати над дваесетина од 33 обвинети за инцидентите во Собранието при изборот на Талат Џафери за претседател. Кога се во прашање другите судски предмети поврзани со насилствата од 27 април (обидот за убиство врз Зијадин Села или нападот врз Радмила Шекеринска), од парламентарното тело за помирување нагласуваат оти не може да има амнестија за лица што извршиле насилство.

Горан Адамовски