„Амнестијата“ ја нокаутира судската реформа


Речиси никој во Собранието, во последно време, не зборува за реформи. Зборот што беше еден од најексплоатираните пред добивањето на извештајот на Европската комисија, сега е целосно потиснат од зборот „амнестија“. Овој термин, пак, мошне актуелен во периодот кога ВМРО-ДПМНЕ ги кочеше и условуваше процесите за распишување на референдумот, повторно се врати на големо на политичката сцена  откако премиерот Зоран Заев повика на „простување и помирување“ и откако од домашен притвор излегоа последните тројца пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ кои се обвинети за „крвавиот четврток“.

Засега е тешко да се одгатне што конкретно подразбира понудата на Заев за простување и помирување. Само како претпоставки, во политички и правни кругови се споменуваат разни сценарија за тоа како најавеното „простување“ би можело да се спроведе во практика и кои категории осомничени или обвинети (главно лица од политичката сцена) би биле вклучени во процесот. Амнестија, во буквална смисла на зборот, преку донесување ваков закон во парламентот, е само една од можните опции што се перципира  како најнеизводлива, пред сè поради широкиот опфат. Другите сценарија главно подразбираат т.н. поединечна „амнестија“ по заобиколен пат, која би се одвивала преку судската или извршната власт: аболиција на поединци од страна на претседателот на државата, одолговлекување на судските постапки, преквалификација на делото (со оглед на тоа што обвинетите за 27 се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок – тешко кривично дело за кое е предвидена затворска казна од над 10 години затвор) и евентуално интервенции во Кривичниот законик.

Во ВМРО-ДПМНЕ, по низа осцилации во ставовите околу потребата од амнестија за 27 април, моментно, според информациите, забрзано се подготвува предлог-закон, како што објави партискиот лидер Христијан Мицкоски. ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати најавуваше дека ќе поднесе ваков закон, но тоа не го направи досега, за по понудата на Заев за помирување да излезе со став дека е потребна правда, а не амнестија за обвинетите за 27 април. Набрзо потоа следуваше ново ретерирање. Од ВМРО-ДПМНЕ сега најавуваат дека многу скоро ќе го достават до парламентот предлог-законот за амнестија за 27 април.

Иако од владејачкото мнозинство тврдеа дека повикот за простување и помирување не е во насока на амнестија, премиерот Заев не ја отфрли од старт најавата на Мицкоски за ваков закон. Заев изјави дека ќе почека да го види предлогот за амнестија на сите учесници во собраниските настани на 27 април, но потенцира дека не смее да се урниса правната држава. Тој  сака да ги разгледа сите предлози, но посочи дека сè што ќе се прави мора да се прави внимателно затоа што ЕУ будно ги следи сите процеси во државата.

Во слична насока е и вчерашната изјава на спикерот Талат Џафери, кој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ, како парламентарна група има право да се јави како овластен предлагач на закон за амнестија.

„Не е спорно дека тие имаат надлежност да предложат закон. Но, прашање е што е идејата и за што би придонело тоа. Не сакам да прејудицирам која би била идејата и во кој опфат. Во секој случај, секој пратеник има легитимно право да предложи закон, па и таков. Ќе се разговара за тоа кога ќе имаме конкретен предлог“, истакна Џафери.

И додека политичарите во земјава зборуваат за амнестија или за помирување, дел од судиите говореа вчера за потребата од реформи во третата власт.

– На судството му треба реформа. Свесни сме дека тоа подразбира и персонална реформа. Свесни сме дека има луѓе што не заслужиле да бидат судии. Меѓутоа, свесни сме дека некое независно тело треба да преиспита за секој судија дали добро си ја работи работата или не. Мораме во името на огромен број судии, кои чесно и посветено работат, да кажеме дека не сакаме да го носиме срамот на некои кои не ја заслужуваат функцијата – изјави судијката Анета Димовска од Основен суд Скопје 2, на вчерашниот отворен ден во Врховниот суд, по повод на одбележувањето на Европскиот ден за граѓанска правда.

На прашање како гледа на можната амнестија и дали тоа би значело дисквалификација на судството, Димовска рече дека ниту еден судија не би требало да се занимава со тоа.

– Амнестијата е политичка одлука, а судството работи по законите. Ниту можам ниту знам што ќе се случува во иднина. Како граѓанин, ако ме прашувате, не сум за амнестија. Секој треба да си одговара за тоа што го направил – рече Димовска.

Околу тоа дали има некаков напредок во судството по последниот извештај на ЕК, Димовска рече дека не може да се почувствува голем напредок, но дека и самото тоа што е лоциран проблемот значи напредок.

За реформите во судството во понеделникот разговараа министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска и заменик-помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер, при неговата посета на Скопје. На средбата, како што беше соопштено, се дискутирало за реформската агенда во делот на борбата против корупцијата, како и за измените на законите што следуваат, а од кои се очекува да ја зајакнат и гарантираат независноста, самостојноста и непристрасноста на судството.

 Тимот на Јанева на стенд-бај

Втората фаза закони за реформа на правосудството требаше од поодамна да бидат во собраниска процедура, па и да бидат донесени досега. Последен пат, октомври беше спомнат како месец во кој владата, преку Министерството за правда, би ги подготвила и испратила во парламентот законите за судови, за Судски совет и за Јавното обвинителство. Сепак, набиената политичка агенда во однос на спроведувањето на договорот од Преспа ги фрли во втор план реформските процеси.

Од Министерството за правата сега доаѓаат информации дека во наредниот период, а најдоцна до крајот на годинава, во собраниска процедура би влегле предлог-законите за Судски совет и за судовите (за чие донесување е потребно двотретинско мнозинство), откако, пред неколку дена, предложените измени во овие регулативи добија позитивни оценки од Венециската комисија. Затоа, пак, неизвесно е што ќе се случува со најавените измени во Законот за јавно обвинителство за кој, според информациите, сè уште се водат разговори меѓу парламентарните партии на ниво на работни групи. Всушност, главната дилема е дали и кога за овој закон, кој предвидува продолжување на мандатот на СЈО – преку негово вклучување во редовното Јавно обвинителство и проширување на неговите надлежности, ќе се обезбеди двотретинско мнозинство во наредниот период? Како што беше обезбедено за неколку седмици за пристапување кон уставните измени.

Александра М.Митевска