Ќе ги надгласаат ли Албанците бојкотирачите?

Не повеќе од 250 илјади етнички Албанци се очекува да излезат на престојниот референдум и да ја заокружат опцијата „да“ во однос на договорот со Грција и членството на земјава во НАТО и во ЕУ. Иако албанското гласачко тело, генерално, го поддржува договорот за името и нема идентитетски дилеми со какви што се соочуваат дел од избирачите од македонскиот етнички камп, на 30 септември се очекува своевидна „реприза“ на веќе традиционалната политичка апатичност во овој етнички блок. Како индикатор се посочува воочливата незаинтересираност на дијаспората да се пријави за гласање на референдумот, со оглед на тоа што голем процент од нашите иселеници во странство се од албанско етничко потекло.
Политичката демотивираност и незаинтересираност да се излезе на гласање е нешто што се повторува речиси во сите изборни циклуси во изминатите речиси две децении во средините со мешан етнички состав, а посебно во општините каде што е доминантна албанската етничка заедница. Ако како репер се земат парламентарните избори, шестата изборна единица константно е „антирекордер“ во однос на постигнатиот одѕив. Така, на последните парламентарни избори во 2016 година, во овој гласачки регион одѕивот бил нешто повеќе од 51 процент, наспроти близу 74 и 73 проценти излезеност во првата (скопска) изборна единица и во „тројката“ која го опфаќа североистокот на државата. Во 2014 година, пак, во шестата ИЕ на гласање излегле приближно 50 проценти, во „единицата“ – 65 отсто, а во третата ИЕ близу 71 процент.
Последната анкета на МЦМС укажа на хомогенизација на гласачкото тело на Албанците во земјава во однос на референдумското прашање за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ преку прифаќање на договорот со Грција. Дури 88 проценти од анкетираните етнички Албанци рекле дека би гласале „за“, наспроти само 2,2 отсто кои биле „против“. За разлика од тоа, помалку од анкетираните етнички Македонци би одговориле со „да“ на 30 септември – 27,4 проценти, а негативно би се изјасниле 45,2 отсто. Според тоа, на септемврискиот референдум, поддршката од гласачите Албанци може да биде одлучувачка за обезбедување мнозинство гласови „да“, како своевидна виза за понатамошно спроведување на договорот за името, независно од тоа дали ќе биде постигнат одѕив од над 50 проценти од вкупното гласачко тело.
Сепак, аналитичарите што ги консултиравме посочуваат дека една работа е поддршката за договорот за името и членството на Македонија во НАТО и во ЕУ, а друга излегувањето на гласање. Од тој аспект, не може во целост да се влечат паралели меѓу минатите изборни циклуси и претстојниот референдум затоа што, како што наведуваат , за време на избори и гласачите Албанци се мотивирани поради разни интереси, ветувања за вработувања или за одредени бенефиции. Референдумското ветување, пак, за членство во НАТО и во ЕУ е апстрактно и прашање е дали тоа ќе биде доволно за мобилизација на поголем број избирачи од вообичаено, особено ако се има предвид дека и натаму има конзервативни средини каде што, на пример, е недозволиво жени сами да одат на гласање. Затоа, клучно прашање е дали партиите ќе најдат механизми да ги мотивираат гласачите Албанци да излезат на референдумот што, како што се оценува, нема да биде едноставна работа, ако се има предвид дека и последните анкети покажуваат дека повторно е во пораст незадоволството кај овој електорат, така што довербата во ДУИ е во целосна стагнација, а се бележи и извесно опаѓање на поддршката што Албанците ја даваа за СДСМ.
Политичкиот аналитичар Роберт Несими вели дека на избори во просек излегуваат од 220 илјади до 250 илјади гласачи Албанци и, како што наведува, таа е излезеноста што може да се очекува и на 30 септември.
„На референдумот би требало да излезат приближно 250 илјади гласачи Албанци и барем 99 проценти од нив да гласаат за поддршка на договорот со Грција и членството на земјава во евроатлантските структури. Тешко е да се очекува поголема излезеност од таа што е регистрирана во последните изборни циклуси, кога одѕивот е секогаш најмал во средините со доминантно албанско население. Ако некој не излегува на избори, тешко дека ќе излезе да гласа на референдум“, оценува Несими.
Тој посочува и на непрочистените избирачки списоци што, како што вели, создаваат погрешна слика околу реалната бројка на гласачи кои се во земјава и го оптоваруваат предвидениот цензус за излезеност на референдумот. Голем е процентот на Албанци кои се иселени од земјава, вели, што е исто така еден од факторите што влијаат на малиот одѕив во средините во кои живеат, покрај недовербата што ја манифестира овој електорат кон партиите и политичките елити со години наназад.
Што се однесува до вкупното гласачко тело и можноста да се постигне цензусот од над 50 проценти, и покрај тоа што референдумот е консултативен, Несими наведува дека на избори во просек излегуваат од милион до 1,1 милион гласачи. Ако се има предвид дека предвидениот праг за референдумот изнесува околу 900 илјади, Несими вели дека секоја поорганизирана иницијатива за бојкот би можела лесно да го доведе во прашање цензусот.
„Сепак, треба да се има предвид дека референдумската кампања не е сè уште почната официјално и дека најголем број од неодлучните гласачи се определуваат во периодот од околу две седмици пред гласањето“, посочува Несими.
Проценките на аналитичарите се дека гласачите Албанци можеби нема да имаат одлучувачко влијание за постигнување на цензусот, ама секако ќе придонесат за обезбедување што повеќе гласови „да“, што може да биде од клучно значење во ситуација кога референдумот не е обврзувачки.
Ова ќе биде првиот референдум во земјава на кој се очекува помасовно учество на електоратот од албанската етничка заедница. Партиите од албанскиот политички блок и нивните гласачи не учествуваа на референдумот за независноста во 1991 година, а го бојкотираа и референдумот контра новата територијална поделба во 2004 година, кој беше покренат најмногу поради тоа што со новите општински граници албанската етничка заедница стана мнозинска во неколку единици на локалната самоуправа.
Александра М. Митевска