Јавна парламентарна расправа: Поддршка при имплементација на социјални политики

Јавна расправа на тема „Поддршка при имплементација на социјални политики, мерки и буџет за еднородителски семејства“ се одржа денеска во собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.

На седницата свое се обратија претседателката на организацијата, Дороти Пачкова, претседателката на Комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите, Даниела Рангелова, координаторката на Клубот на пратенички, Ѓулумсер Касапи и претставничката на МТСП, Софија Спасовска.

Активистите и експертите од „Една може!“ побараа буџет за менаџирање социјални услуги преку ресурсен центар посветен на самохрани родители и деца од еднородителски семејства со што би се олеснила институционалната помош и би се одело кон економска еманципација на оваа социјална група наместо институционална зависност.

Пратеничките и пратениците покажаа заинтересираност за сензитивноста и специфичноста на овој проблем како и подготвеност за имплементирање на препораките од страна на „Една може!“ низ неколку мерки. Во тој поглед, меѓу пратениците остана прашањето за дискрепанцата меѓу донаторски и државни буџети при имплементација на мерки кои се однесуваат на маргинализирани групи.

Претсавниците на МТСП порачаа дека со новиот Закон за социјална заштита и овие семејства ќе бидат опфатени со новите прописи, преку минимална парична помош и  надоместоци.

За време на дискусијата пратеничките од Комисијата за еднакви можности се осврнаа на еволуцијата на македонското семејство и патријархалниот менталитет и на потребата од родово сензибилизирање на овој проблем, едукација и обука на носителите на јавни функции, како и симнување на имплементацијата на локално ниво.

Заклучоците беа прифатени, а пратеничките потпишаа и јавна заложба со која ветуваат дека при својата работа ќе ги имплементираат препораките на „Една може!“.