Штипските земјоделци бараат на терен да излезат осигурителните компании


Земјоделците од штипското село Врсаково имаат големи штети на посевите од невремето што се случи пред два дена. Најголеми штети, како што велат имаат на лозовите и овошните насади, потоа на житните култури, гравот и детелината.

Дел од земјоделците ги осигурале посевите, но како што велат претставниците на осигурителните компании се уште не излегле на терен. Бараат веднаш да извршат проценка, бидејќи мора да преземат арготехнички мерки, за да спасат барем дел од родот.

Драги Велков земјоделец од селото Врсаково вели дека на лозовите насади има штета над 70 отсто.

– Најверојатно ќе немаме род, ако го почекаме осигуривањето да дојде после една недела на лице место да излезе. Во него неможеме да работеме, да прскаме и тоа што е останато и тоа ќе се скапе, вели Велков.

Земјоделецот Богољуб Велков вели дека годинава земјоделците од овчеполскиот и штипскиот регион ќе бидат најпогодени од невремето што се случи пред два дена.

Тој забележува дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство мора под итно да ја стави во фунција градобијната одбрана, бидејќи откако е укината пред неколку години во овој регион постојано се случуваат вакви елементарни непогоди.