Член 313 од КЗ: Најмалку 10 години затвор за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста

Најмалку десет години затвор предвидува член 313 од Кривичниот законик на РМ за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, за што Основното јавно обвинителство за гонење на  организиран криминал и корупција гони 36 лица во врска со настаните на 27 април во Собранието на Република Македонија.

Членот 313 од Кривичниот законик на РМ предвидува, тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години.

Вкупно 36 лица се осомничени за настаните од Собранието на 27 април годинава и против нив е поднесена кривична пријава за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Дел од нив се приведени и однесени на распит во Кривичниот суд, а по дел од нив се трага.