ФФМ со оглас за вработување на 41 лице во паралелките во Спортската академија

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) вработува. Огласот за ангажирање на 41 лице е објавен вчера и ќе биде отворен до 24 декември. Потпишан е од генералниот секретар Филип Поповски и во него се бараат физиотерапевти, тренери и помошни тренери за работа во фудбалските паралелки во Тетово, Гостивар, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип и во Велес, кои се дел од Спортската академија. Конкурсот, како што наведува објавувачот, е распишан согласно член 15 од Законот за спортска академија и одредбите од Правилниците за посебни критериуми за физиотерапевти и тренери на ученици во Спортската академија. Притоа, не е наведено дали работните места се отвораат на определено или неопределено време, за бројот на работни часови и за износот на примањата.
Огласот за физиотерапевт се однесува на осум лица или по едно во Тетово, во Гостивар, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип и во Велес. Условите за аплицирање се најмалку вишо образование за физиотерапевт и правосилна судска одлука дека кандидатот не е осудуван дека имал прекршочна санкција за забрана за вршење на дејност. Од куќата на фудбалот нагласуваат дека го задржуваат правото за дополнително тестирање на кандидати при исти или слични резултати.

Останатите 33 работни места што ги нуди ФФМ се однесуваат на тренери и нивни асистенти. Најмногу, девет, се отвораат за паралелките во Скопје (три главни тренери и шест асистенти). Во останатите осум града (Тетово, Гостивар, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип и Велес) се бараат по два главни тренера и по еден асистент.

И за оваа категорија се бараат двата општи критериума, како и за физиотерапевти, но додадени се и стекнати лиценци од соодветна меѓународна спортска институција како можност за аплицирање на заинтересираните. Покрај општите, во конкурсот за тренери и асистенти се пропишани и посебни критериуми како потврда за најмалку две години работа во клуб во последните пет години за соодветната категорија за која аплицира. Или, пак, најмалку пет години стаж со Б, А или ПРО-лиценца издадена од Фудбалската федерација на Македонија. (С.Ѓ.Д.)