Фудбал наместо мирис на барут за време на Првата светска војна

Католичкиот Божик по грегоријанскиот календар од 1914 година ја носи една од најневеројатните приказни. Примерот од местото Ипрес во Белгија што ги грее срцата на верниците е испреплетен и со спортска содржина. Дека спортот и фудбалот знаат да поместат граници покажаа завојуваните Британци и Германци кои за време на празникот на почетокот на Првата светска војна го положија оружјето и на 48 часа здивнаа од мирисот на барутот, се дружеа, разменуваа цигари, па дури одиграа и натпревар. Ситуацијата ги затече претпоставените воени старешини и водечки политичари на двете страни кои направија сѐ за неутрализирање на позитивните впечатоци, но, и покрај нивните силни заложби, сепак, од новогодишно украсените ровови ечеа и новогодишни песни.

Празничната атмосфера ја почнаа германските војници кои запалија свеќи околу своите позиции. Примерот набрзо решија да го следат и Британците. Дводневното релаксирање почна со разговор, по што следуваше и средба на командантите и меѓусебни честитки за Божик, иако неколку часа претходно местото наликуваше на кланица.

„Дали сте од Ворвикшир“, довикна германски војник, според белешките од тоа време, од ровот на спротивната страна.

Наместо одговор, како што стои во дневниците, завладеала тишина по што истото прашање било поставено уште погласно.

„Дојди, па види“, возврати глас од британскиот ров, на што дојде иницијатива од германска страна.

„Ќе се најдеме на половина пат. Ќе ви донесеме и цигари“.

Не мина долго време, а Британците го прифатија предлогот на непријателот и се најдоа на „ничија земја“, при што разменуваа подароци, цигари, алкохол и храна.

Роберт Хамилтон, капетан на кралскиот полк од Ворвикшир, ја запиша сцена во својот дневник.

„Се сретнав со капетанот на 134. Саксонски корпус кој беше вооружен до заби. Му покажав на неговата торбичка и пиштол. Тој само се насмевна и кога виде дека не носам оружје рече дека сѐ е во ред. Се ракувавме, се договоривме на примирје на 48 часа и се вративме во нашите ровови“, запишал Хамилтон.

Завојуваните страни отидоа и чекор натаму, па договорија и фудбалски натпревар во кој Германците победија со 3:2. Вториот дел по примирјето и на силна иницијатива на воените и политички раководства на двете страни, војниците продолжија да јуришаат едни на други и меѓусебни да се убиваат.

На местото денеска стои крст како спомен од чудото што се случи во 1914 година.