„Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија – ББ со позитивен изглед

Меѓународната агенција за кредитен рејтинг „Фич” го потврди рејтингот на Македонија како ББ со позитивен изглед. На тоа влијаеја континуираната кохерентност на макроекономската и финансиската политика што го поддржуваат стабилниот девизен курс.

„Позитивниот изглед е одраз на постабилно политичко опкружување што резултира со повисока економска доверба, пренасочување на политиките кон членство во ЕУ и подобрените меѓународни односи“, нагласуваат од „Фич“.

Во извештајот се нотира дека Владата постигнала кредибилен напредок во остварувањето на заложбите од промената на власта во јуни 2017 година, вклучувајќи го и имплементирањето на итните иницијативи како дел од реформскиот план „3-6-9“ како и прашањата на транспарентност и независност на јавните институции.

Особено се истакнува подобрувањето на фискалната транспарентост како и чекорите за подобрување на деловниот амбиент за малите и средни претпријатија.

Исто така се забележува за напредокот по прашањето околу името, одлуката на Советот на ЕУ за преговори за членство во јуни 2019, како и формалната покана од НАТО за членство на Македонија. Притоа се споменува дека резултатите на референдумот може да предизвикаат политичка неизвесност.

Оценка на „Фич“ е дека растот на БДП од 2,7 отсто за оваа годинава ќе забрза во наредните две со што се укажува дека продолжената политичка стабилност и постепеното закрепнување на инвестициите ќе донесат раст на среден рок.

Понатаму, се вели дека јавните финансии одат во линија со оние на други земји слични на Македонија. Проектираниот дефицит во 2018 година е 2,6 отсто од БДП, а државниот долг ќе изнесува 42,3 отсто од БДП.

За „Фич“, ризиците за политичка стабилност сè уште се повисоки од групата на други слични земји како резултат на политичката криза меѓу 2014 година и 2017 година.

Во извештајот се наведува дека за подобрување на рејтингот може да влијаат подобрувањето на стандардите на владеење, натамошното намалување на политичката неизвесност како и имплементацијата на среднорочна фискална консолидација, конзистентна со стабилизација на учеството на јавниот долг во БДП.

Наспроти ова, за влошување на кредитниот рејтинг може да влијаат негативни политички движења што би влијаеле и на стандардите на владеење, економијата или насоката на владините политики, фискалната недисциплина или потенцијалните обврски, како и проширувањето на дефицитот на тековната сметка.