Пратениците со 80 гласа „за“ го усвоија предлогот за пристапување кон уставни измени

По целодневна неизвесност, пратениците со 80 гласа „за“  и 39 „против“ го изгласаа владиниот предлог за пристапување кон уставни измени.

Пратениците првично гласаа електронски и при гласањето, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа „против“ станаа и во собраниските клупи останаа само пратениците кои гласаа „за“ да се поддржи предлогот за отворање на Уставот.

Меѓу пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за уставни измени се Владанка Авировиќ, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Елизабета Канческа-Милевска, Зеќир Рамчиловиќ, Нола Исмајлоска – Старова и Емилија Александрова.

Тројцата пратеници Мукоски, Василевски и Арнаудов се обвинети за упадот во Собрание што се случи на 27 април и деновиве им беше укинат куќниот притвор и беа пуштени да се бранат од слобода. Нивните колеги кои исто така се обвинети во истиот случај Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски гласаа „против“. Синот на Владанка Авировиќ е осуден за случајот „Труст“, а поранешната министерка за култура, Канческа Милевска е обвинета исто така во случаите на СЈО.

Ова е само една од фазите во постапката за промена на Уставот. Следува расправа поединечно за секој амандман за што исто така е потребно 2/3 мнозинство.

Фото: Борис Грданоски