Субвенции од четири денари за предадени домати
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе помогне во решавање на откупот на доматите со интервентна субвенција од четири денари за килограм предадени домати во регистрирани преработувачки капацитети.
Како што соопшти Министерството, на овој начин со постоечката дополнителна субвенција за предаден зеленчук во преработувачки капацитети од три денари за килограм, производителите на домати ќе добијат вкупно седум денари субвенција за предадени домати во регистрирани преработувачки капацитети. Одлуката се очекува да биде донесена следната недела на седница на Влада.
Ваквата одлука ќе важи за сите земјоделци кои ќе го предадат доматот во преработувачките капацитети до 15 јули годинава.
Според МЗШВ, оваа интервентна субвенција од четири денари за килограм домат предаден во регистрирани преработувачки капацитети ќе овозможи стабилизирање на пазарот со откупот на домати во овој период до 15.07.2018 година.
Тимови од МЗШВ, се додава, изминатиов период беа секојдневно на терен и во комуникација со земјоделците, откупувачите и преработувачите со цел да се најде соодветно решение, а за таа цел Министерството стапило во контакт со преработувачите кои покажале интерес за откуп на вишокот домати.
Причината за проблемот со откупот на домати, како што се оценува, е поради тоа што во овој период расте понудата на традиционални пазари за извоз од тамошните производители, што влијае врз отежнување на откупот на македонските домати.
Од МЗШВ најавуваат дека и во следниот период ќе го следат откупот на домати и ќе делуваат континуирано во делот на интервенциите и решавање на проблемите во земјоделството, тогаш кога ќе биде потребно. Во меѓувреме, посочуваат, интензивно работат и на отворање нови пазари за македонските земјоделски производи, за што уште пред неколку месеци е испратен допис до сите конзуларни канцеларии и до амбасадорите да помогнат во тоа.