Студентите од „Стив“ чекаат греење и топла вода

Студентите вчера немаа настава на факултет поради празникот. Оние што се сместени во студентскиот дом „Стив Наумов“, а не отишле во родниот град и останале во Скопје седеа на клупи пред домот, каде што разговараа за проблемот што ги мачи. Тоа што веќе две недели нема топла вода во таканаречената прва зграда ги принудува да греат вода во тенџериња за да се избањаат. Други, пак, одат во третата зграда. Се пожалија дека друг проблем во целиот дом, во трите згради и во бараките, е што нема парно греење од почетокот на грејната сезона. Некои од дома донеле греалки, други се организирале па купиле оти утрата и вечерите се студени. Ивана Ѓорѓиева четврта година е сместена во „Стив“, таа денеска ќе има средба со надлежните и вели дека ако нема решение на проблемите, и натаму ќе протестираат.

„Во првата зграда има само ладна вода. Одам кај колеги, пријатели од другите згради во ‘Стив’ да се избањам бидејќи таму само парното не е во функција. За да не им додеваме постојано, понекогаш некои од нас одат и кај роднини. Се снаоѓаме во неделата неколку пати, барем да се избањаме или да се истушираме. Мирниот протест беше поради изразување на незадоволството во кое се наоѓаме во периодов. Две недели ние студентите кои сме сместени во првата зграда сме без топла вода, а во другите објекти нема парно греење. Ги известивме надлежните од првиот ден, ама џабе. А сега, откога се најави протестот и се реализираше, нè известија дека нема потреба од револт бидејќи в четврток проблемот ќе бил решен. Ние се надеваме на тоа. Протестот нема никаква политичка заднина, иако веќе ме обвинуваат дека сум политички наклонета кон некоја партија. Ама не е така. И ние студентите сме луѓе и нормално е да се бориме за основните услови за живот, тука нема место за политика. Ако нема промени до четврток, пак ќе протестираме“, вели Ивана.

Иако е празник, градежна механизација имаше во дворот на домот, мајстори работеа. На студентите не им беше јасно што прават и зошто досега надлежните не го решиле проблемот со старите водоводни цевки и цевките за парно.

„По предавања, најчесто одам да се избањам во третата зграда и ладно ми е кога се враќам во првата зграда, каде што сум сместена. Студирам на Градежниот факултет, аплицирав за студентскиот дом ‘Гоце Делчев’, бев одбиена, па ми дадоа кревет во „Стив“. Разочарана сум. Се случува да одам со мрсна немиена коса на факултет само затоа што немаме топла вода во зградата“, вели Маја.

„Зошто во текот на летниот период не ги решија проблемите? Ваква ситуација, да немаме топла вода, ние студентите сместени во ‘Стив’ имавме и лани. Грееме вода во тенџериња и се бањаме колку што можеме, ама поретко “, вели Татјана.

„Студирам на Филозофки факултет. Поради близината три години поднесувам документи и сум станар во ‘Стив’. Греалка донесов од дома, да ни биде топло во собата каде што сум сместен со уште две цимерки“, додаде Елена.

„Навечер се покриваме со ќебиња, греалка немаме во собата, допрва следуваат студентите денови и се надеваме дека нема да има потреба да купуваме и дека парно греење ќе има до крајот на неделата“, додава Мери.

 

Долга е листата на проблеми со кои се соочуваат студентите сместени во студентскиот дом „Стив“. Храната што им се дава во мензата, како што посочуваат, е неквалитетна, еднолична и количински е малку, па брзо по оброкот огладнуваат. Читалната, пак, не е добро осветлена, иако тоа е место кое е предвидено да учат студентите.

„Пирето што ни го даваат е од растворен прашок. Се случува цела недела на мени за ручек да имаме грашок, за вечера макарони. Освен тоа, количината е мала, па брзо огладнувам“, подвлече Борче, кој е сместен во втората зграда во „Стив“.

„Читалната не е добро изолирана, сè се слуша однадвор. Од гласови не можам да се концентрирам да учам, да се спремам за колоквиум или за испит. Дополнително слабо е и светлото, во катастрофална состојба се и столчињата. Пред две години дури си носевме столчиња од соба бидејќи во читалната немаше“, подвлече Наталија.

„Во собата не можам да учам, а ни во читалната, ладно е и нема доволно осветлување. Прва година сум сместен тука, не знам како понатаму“, кусо одговори на нашите прашања Иван.

 

 

       Задоцнетите поправки причина за проблемите

 

Директорот на Државниот студентски центар – Скопје, Дарио Николовски, за „Независен весник“ вели дека проблемот со снабдувањето со топлинска енергија е резултат на задоцнетата поправка на цевките пред почетокот на грејната сезона од страна на БЕГ.

„Студентите сместени во ‘Стив’ без парно греење се една недела, а не две недели, како што велат. Грејната сезона почнува од 15 октомври. Јас апелирав до БЕГ, имаа проблем, на еден дел имаат зафат што треба да го завршат. Станува збор за промена на цевки што се нивна обврска, но задоцнија. Сега работат на терен, мораат да ја завршат промената на цевките за да може да се пушти парното“, објаснува Николовски.

Топла вода во едната зграда нема бидејќи проблем направиле две дотрајани пумпи. Претходно, успевале да ги поправат, меѓутоа, сега ќе треба да се постават нови.

„ Им ветив на студентите дека в четврток ќе биде решен проблемот и со парното и со водата. Мој проблем е како ќе се изнајде решение. За проблемот со топлата вода викнав уште една надворешна компанија, која ја провери ситуацијата. Оттаму ми рекоа дека или ќе ги поправат постоечите пумпи или ќе обезбедат нови пумпи. Важно е студентите да имаат топла вода“, додаде Николовски.

Финансиската состојба во Државниот студентски центар – Скопје е алармантна. Долгот пред шест месеци изнесуваше околу 5 милиони евра. Директорот на институцијата вели дека откако дошол на функција најпрво се зафатил со намалување на долгот и тоа го правел континуирано. Со пренамена на средства за Центарот биле обезбедени 79 милиони денари од Владата, со цел да ги исчистат долговите кон режиските трошоци наталожени од претходното раководство, како за парно, струја и комунална хигиена. Најголем е долгот за неплатени сметки за вода, над 30 милиони денари. Николовски рече дека направил нови менија за студентите кои се хранат во студентските домови, ама чекал одобрување од Министерството за образование и наука. Токму храната им била приоритет на студентите, дури потоа инфраструктурата, покажале резултатите од спроведената анкета.