Столтенберг: Вратата на НАТО останува отворена

Пред седиштето на НАТО сѐ уште има место за нови знамиња, порача во обраќањето пред македонските пратеници генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.

Тој истакна дека вратата на НАТО останува отворена за нови членки.

– Гледајќи го црногорското знаме како се виореше лани првпат пред седиштето на НАТО, тоа го почувствував како мошне важен момент. Сѐ уште има место за повеќе знамиња пред седиштето на НАТО. Земјите-члени се импресионирани од вашата посветеност и ентуизијазмот за влез во Алијансата, а НАТО сака да успеете, рече Столтенберг.

Тој им порача на пратениците дека е добро да се биде амбициозен, но оти мора да се биде и реален и оти претстои уште работа, посочувајќи го спорот за името.Ја поздрави Владата и нејзините напори за решавање на спорот за името и ја охрабри да продолжи на тој пат.

– Ја поздравувам волјата на вашата Влада која е одлучна да се реши ова прашање. Вчерашната средба на преговарачите под покровителство на ОН во Њујорк беше уште еден важен чекор за натамошниот напредок, додаде Столтенберг и ги поздрави реформите Планот 3-6-9.

Неговото обраќање во собраниската сала го следеше и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која за тој чин го прекина двомесечниот бојкот.