СП 2018: Франција против Белгија во битка за финале


Франција против Белгија во битка за финале на Светското фудбалско првенство во Русија. „Триколорите“ избија на чело на листата на фаворити по елиминацијата на Бразил додека „црвените ѓаволи“ по цели три децении се најдоа во ситуација да играат мундијалско полуфинале. И немаат намера да запрат тука. Барем такви се пораките што ги емитува нивниот селектор, Роберто Мартинез во пресрет на вечерашниот соседски судир на стадионот „Крестовски“ во Санкт Петербург. Поранешниот менаџер на Виган и на Евертон верува дека нема да ја пропуштат историската прилика што е пред нив.

„Ако во мечот влеземе со страв, ќе покажеме значително помалку од она што навистина можеме. Игра без страв веројатно ќе биде од најголема корист“, изјави Мартинез за ЕСПН.

Белгија важи за најпријатно изненадување на СП. Првата фаза ја заврши како лидер во групата Г и со максиламе ефект (три победи). Во осминафиналето ја исфрли Јапонија со 3:2 во еден од најдраматичните мечеви на турнирот, а во четврт-финалето беше кобна и за Бразил (2:1). Ако во минатата фаза се справија со Нејмар и компанија, овојпат како најголема опасност по голот се гледа на Килијан Мбапе за кого селекторот има посебен план за негово запирање.

„Ќе мора да го предвидуваме и притоа да бидеме добро поставени. Но, притоа, не смееме да заборавиме и на останатите играчи“, порачува белгискиот кормилар.

Голема помош во изготвување на тактиката за дуелот со Франција имаше од првиот негов асистент, Тиери Анри, членот на шампионската генерација на „триколорите“.

„Анри е човек кој живее за фудбал. Посебно момче. Неговото искуство како некој кој освоил мундијал ни е драгоцено“, додаде Мартинез.