Со негов „камен“ по негова глава: Џафери рецитираше, ќе му пее ли Ѓорчев?

Поднесувајќи околу 35 илјади амандмани на Законот за употреба на јазиците, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го урна рекордот што своевремено го постави ДУИ во обид да го блокира донесувањето на Законот за бранители во 2012 година. Ако домашната политичка јавност беше фрапирана тогаш од „инвентивноста“ на интегративците да смислат над 15 илјади интервенции на регулативата, за чие донесување имаше консензус меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, сега сигурно е шокирана од офанзивата на вмровците кои го надминаа двојно „амандманскиот скор“ на нивните поранешни коалициски партнери.
Да биде иронијата поголема, главниот актер во тогашната блокада на Законот за бранителите – Талат Џафери, сега се најде во спротивна улога. Како претседател на парламентот од него се очекува да најде начин како да се справи со купиштата хартија на која пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги испишаа своите амандмани за законот за јазици, кој е една од клучните точки од преткоалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ, а на кој претседателот Ѓорге Иванов стави вето.
Тогашниот „циркус“ околу Законот за бранителите се одвиваше, главно, во Комисијата за труд и социјална политика, со која претседаваше Цветанка Иванова од СДСМ, која е сега генерален секретар на парламентот. На седниците на оваа Комисија Џафери молчеше со часови, користејќи го своето право на збор, потоа читаше книги, а еднаш и ја рецитираше „Очи“ од Ацо Шопов. Очекуваната драма околу законот за јазиците, пак, ќе се одвива директно во пленарната сала, со оглед на тоа што регулативата што веќе еднаш е донесена се враќа на повторно разгледување.
Главната улога во презентацијата на амандманите на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да му припадне овој пат на новиот координатор на пратеничката група на партијата Владимир Ѓорчев. Тој не сакаше да открие вчера повеќе детали околу понатамошната тактика на опозицијата, освен дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат присутни на седницата само кога ќе почне расправата за законот за јазиците, а не и за другите точки на дневниот ред. Во собраниските кулоари, пак, веќе се нагаѓа која песна би можеле да ја рецитираат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ доколку решат да ја имитираат тактиката на Џафери. Дали тоа можеби ќе биде „Молитва “ на Блаже Конески, со која ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2016 година „реплицираше“ на кампањата на СДСМ во која беше проткаена поемата „Тешкото“?
По повеќе од два месеци бојкот на парламентот, ВМРО-ДПМНЕ предизвика викендов вистински метеж и ја крена на нозе целата администрација во Собранието, за да може да се регистрираат и архивираат сите точки, запирки и синоними во десетиците илјади амандмани на опозицијата кои се однесуваат на дури 19 члена од законот за јазици за кои шефот на државата има забелешки. Ова е можеби најкарактеристичната и најобемна „амандманска блокада“ на парламентот, покрај таа за Законот за бранителите, но секако не една од ретките во историјата на македонскиот парламентаризам, посебно во последната деценија.
Во почетокот на 2016 година СДСМ се обиде со близу илјада амандмани да го спречи донесувањето на Законот за формирање на новиот државен универзитет „Дамјан Груев“. Паралелно, пратеникот и лидер на ЛДП, Горан Милески, проба исто така со илјада амандмани да ги спречи измените на Законот за нотаријат, со образложение дека колекциите што ги предложи тогашната влада се на штета на граѓаните.
И за време на расправата за буџетот за оваа година пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека планира со крупни амандмански интервенции да ги оспорува предлозите на владата на СДСМ и ДУИ. Сепак, над 700 амандмани, колку што поднесе ВМРО-ДПМНЕ, не предизвикаа поголема опструкција при донесувањето на годинешниов буџет, со оглед на тоа што опозицијата, во меѓувреме, го напушти парламентот. Затоа, пак, над илјада амандмани на буџетот за 2013 година претставуваа увертира во настаните на 24 декември 2012 година (црниот понеделник), кога тогашната опозиција (на чело со СДСМ) беше насилно исфрлена од парламентот бидејќи ВМРО-ДПМНЕ немаше намера да ја истрпи демократската процедура до крај. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдеа тогаш дека опозицијата поднела рекорден број амандмани со цел да оневозможи навремено донесување на буџетот и дека станува збор за директна опструкција на Собранието и за дерогирање на институциите и на волјата на граѓаните.
Инаку, еден од највпечатливите примери во однос на опозициските блокади при носење буџет е тој од крајот на 2003 година. Тогаш опозицискиот пратеник Никола Груевски му ја одзеде на тогашниот претседател на парламентот Љупчо Јордановски картичката за гласање. Во меѓувреме, другите вмровски пратеници трескаа по маси, пееја патриотски песни и излегуваа на говорницата со транспаренти – во обид да го спречат донесувањето на буџетот за 2004 година.

Александра М. Митевска