Собрание: Расправата за именување на јавен обвинител почна и прекина

Собранието на Република Македонија вечерва ја почна расправата по Предлогот за именување Јавен обвинител на Република Македонија. По образложението на заменик-министерот за правда за предлогот Љубомир Јовески да биде нов државен јавен обвинител и по излагањето на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, седницата беше прекината и нејзиното продолжение ќе биде дополнително соопштено.

Заменик-министерот за правда Оливер Ристовски истакна дека професионалната биографија на Јовески е гаранција за успешно извршување на функцијата јавен обивинител на Република Македонија, пред која, како што рече, во идниот период се наметнуваат големи предизвици.

– Неговото долгогодишно судиско и јавнообвинителско искуство, без ниту едно петно во кариерата, професионалноста и високите морални и етички квалитети, беа основни критериуми од кои Владата на РМ се водеше при доставувањето на предлогот Љубомир Јовески да биде именуван за јавен обивинтел на Република Македонија, рече Ристовски.

За именување јавен обвинител Собранието на РМ одлучува со просто мнозинство од 61 глас. Јавниот обвинител има мандат од шест години со право на повторно именување.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека начинот на избор на јавен обвинител е „дефект во системот“ и дека се потребни првин реформи во функционирањето на оваа институција, а потоа да се одлучува за кадровски решенија.

Јавниот обивинител на Република Македонија, додаде Димовски, сега и натаму треба да се избира со двотретинско мнозинство, како еден од концептите и можностите да се изгради доверба кон личноста што презема една од потешките функции во Република Македонија. Тој смета и дека Собранието треба да отвори дебата за, како што рече, сериозната концентрација на моќ во таа институција без притоа како баланс да се има контрола на работењето.

Владата на 7 ноември му предложи на Собранието за јавен обвинител на Република Македонија да биде именуван Љубомир Јовески, член на Советот на јавни обвинители. На огласот што го распиша Владата на 14 септември за државен јавен обвинител се пријавија 23 кандидати.

Шеесет и тригодишниот Јовески во своето досегашно работење постапувал во кривичната област. Повеќе од 15 години работел како судија по кривични предмети, а во еден мандат раководел со Основниот суд Скопје 2, а има и работно искуство од над 12 години како јавен обвинител и седум години во облата на извршување на кривичните санкции. Во 1979 година станал приправник во Републичкиот Секретаријат за правосудството на Социјалистичка Република Македонија. Од 1987 година бил судија во Општинскиот суд Скопје 2, во 2003 година е избран за заменик јавен обвинител, а од 2015 година е член на Советот на јавните обвинители на РМ.

Досега оваа функција ја извршуваше Лилјана Спасевска, откако Марко Зврлевски беше разрешен на 17 август годинава.

Собранието претходно, во попладневниот дел од 22-та седница, по скратена постапка ги донесе Законот изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување, Законот за изменување на Законот за придонеси од задолжителното социјално осигурување и Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите, со кои акцизата на дизелот ќе се зголеми за 3 денари по литар, односно од сегашните 12,1 денар ќе биде 15,1 денари по литар.