Собрание: Предлог-законот за докторска дејност ќе се гласа на 24 ноември

Собранието на Република Македонија на попладневното продолжение на осмата седница ја заврши расправата за Предлог законот за докторска дејност, поднесен од група пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. За Предлогот, како што најави претседателот на Собранието Талат Џафери, ќе се гласа на седница на 24 ноември во 12 часот.

Со законот се бара вреднувањето на трудот на доктор специјалист од примарна, секундарна и терцијална заштита да не е помалку од четири и пол просечни плати, а на општите лекари две и пол просечни плати.

Со ова, според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ќе се спречи одливот на лекарите во странство, од кои досега, како што рече пратеникот Зоран Ѓоргиевски заминале 600.

– Со ова законско решение најмногу добива македонското здравство преку поквалитетни услуги на докторите и посветеноста во односот на докторите кон пациентите, рече Ѓоргиевски.

Со предвиденото покачување на платите на лекарите за пет проценти со Предлог буџетот за следната година, посочи Ѓоргиевски, ниту во два мандата на СДСМ нема да се реализира предизборното ветување за плата на специјалистите од 100.000 денари. – Ако остане решението со пет проценти во наредниот период ќе продолжи агонијата на македонското здравство, рече Ѓорѓиевски.

Според пратениците од СДСМ, лошата политика во здравството во изминатите 11 години е причина за одливот на лекарскиот кадар.

– Свесни сте дека македонското здравство се наоѓа во агонија, а 11 години ВМРО-ДПМНЕ ги креираше политики во здравството и сега коментирате за сите слабости кои систематски ги правевте, рече Јагода Шехпаска од СДСМ, забележувајќи дека Предлог законот е препишан текст на драфт верзија на решението на Лекарската комора.

Како што потенцираше, годишно 180 до 200 лекари ја напуштаат Македонија, односно досега си заминале над 1.000 од 2010 година.

Горан Манојловски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Предлог законот е реален. – Очекувам да не поддржите во сите позитивни законски чекори што ќе се преземат во интерес на лекарите. Повторувам ќе останеме без лекари во Македонија, рече Манојловски, критикувајќи што за ресорот здравство не е именуван министер што говорело за сериозноста на заложбите на власта во здравството.

Реплицирајќи, Шехопаска рече дека барањето за зголемување на платата за 4,5 пати одеднаш е неразумно. Никаде во светот нема практика 4,5 пати да се зголеми платата во кој било ресор и држава, рече Шехпаска.

Откако констатираше дека се повлечени предложените измени на законите за плати, за извршување и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги поднесени од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ претседателот на Собранието Џафери ја прекина седница и продолжи со работа по 12. и 13. седница. По констатацијата дека не е обезбеден потребниот кворум за гласање по законите Џафери ја прекина работата на Собранието.