Собрание: Без расправа изгласан Законот за здравствено осигурување

Поради работа на матичните комисии, Собранието со задоцнување од околу два часа по редовната пауза, попладнево ја почна расправата за осум предлог-закони кои треба да се донесат по скратена постапка во рамки на 22-та седница.

Без расправа беше изгласан Законот изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување. Во досегашниот тек од 22-та седница е донесен и Законот за изменување на Законот за придонеси од задолжителното социјално осигурување со кои, како што образложи министерот за финансии Драган Тевдовски, се предвидуваат три промени за да се обезбеди непречено остварување на правата на земјоделците од социјално осигурување.

Првата е натамошно задржување на постојната дефиниција индивудуален земјоделец. Второ – стапките по кои се пресметуваа и плаќаа социјалните придонеси да останат како и досега и да не се менуваат, со што ќе се овозмои фискален баланс на буџеот во делот на приходите, и трето – највисоката месечна основица за придонеси на плати да се зголеми од постојните 12 просечни плати на 16 просечни плати, а по однос на највисоката месечна основица за уплата на придонесите на самовработено лице износот од осум просечни плати ќе се замени со 12 просечни плати.

Во моментов пратениците од власта и од опозицијата полемизираат по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите, со кои акцизата на дизелот се предлага да се зголеми за 3 денари по литар, односно од сегашните 12,1 денар да биде 15,1 денари по литар.

Тевдовски рече дека препораките на ЕУ се акцизата на дизелот да изнесува 0,33 евроценти и дека со новата цена што се предлага од 0,26 евроценти во Македонија таа повторно ќе биде најниска во регионот. Исто така, рече тој, ЕУ ова го препорачува и заради намалување на загадувањето што го предизвикуваат овие горива, а со овие измени ќе се остварат и дополнителни приходи во буџетот.

– Паралелно ќе се оди и со зголемување на акцизата за истиот износ (три денари) за црвената нафта, бидејќи ако се зголеми расходот помеѓу дизелот и црвената нафта може да придонесе кон поголеми злоупотреби, пред се кај црвената нафта, рече Тевдовски.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека со оваа мерка се оптоваруваат граѓани. Крсто Мукоски рече дека над 70.000 домаќинства имаат возила на дизел и дека новата цена на дизелот ќе ја осетат и транспортните претпријатија и земјоделската механизација.

– Ова е непопуларна мерка, буџетот се полни со капитални инвестиции и со привлекување странски инвститори, порача Мукоски. Љупчо Димовски додаде дека оваа одлука ќе повлече и зголемување на цената на храната.

Претседателот на Собранието Талат Џафери соопшти дека Собранието ќе продолжи да работи и по 18 часот.

Покрај овие, на дневен ред се и предлозите за измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, измените на Законот за судскиот совет на РМ, измени и дополнувања на Законот за заштита на сведоци и Предлог на закон за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување одговорност за судија, сите по скратена постапка.

На дневен ред на оваа седница е и Предлогот за именување Јавен обвинител на Република Македонија, исто така по скратена постапка.