Собранието ја „распушти“ ДИК

Собранието ги констатира денеска оставките што ги поднесоа осум од вкупно девет члена на Државната изборна комисија, по избувнувањето на скандалот со високите надоместоци за спроведувањето на изборите.

На почетокот на собраниската седница, беа констатирани оставките на досегашниот претседател на ДИК Александар Чичаковски, на потпретседателот Реџеп Прекопуца, како и на независниот член Атанас Урумов, на Игор Милев и Виолета Дума од СДСМ, Субхи Јакупи и на Сашо Срцев и Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ. На нив, како што наведе претседателот на Собранието Талат Џафери, им престанува функцијата и ангажманот во ДИК на лично барање, а пред истекот на мандатот.

Членовите на ДИК, кои беа избрани на функциите кон крајот на 2015 година, поднесоа оставки пред десетина дена. Единствено на функција во ДИК остана претставничката на Беса, која беше избрана пред неодамнешните локални избори. Со тоа, ДИК е практично распуштена, по што се очекуваат птреговори меѓу најоголемите партии, со оглед на тоа што за избор на нови членови е потребно двотретинско мнозинство во парламентот.