Собранието треба да гласа за нов јавен обвинител

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја продолжи 22. седница на која пратениците треба да гласаат за именување нов државен јавен обвинител, откако на 15-ти овој месец ја завршија расправата по владиниот предлог Љубомир Јовески да биде именуван на оваа функција.

За именување на јавен обвинител, Собранието на РМ одлучува со просто мнозинство од 61 глас. Јавниот обвинител има мандат од шест години со право на повторно именување.

Досега оваа функција ја извршуваше Лилјана Спасевска, откако Марко Зврлевски беше разрешен на 17 август годинава.

На собраниската дебата не присуствуваа пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за што жалење изразија пратениците од владејачкото мнозинство, посочувајќи дека за ова прашање е потребна расправа. Од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ на седницата присуствуваше само Амди Бајрам од Сојузот на Ромите, кој неодамна соопшти дека ја напушта колаицијата и оти ќе настапува како пратеник од партијата од која доаѓа.

Владата на 7 ноември му предложи на Собранието за јавен обвинител на Република Македонија да биде именуван Љубомир Јовески, член на Советот на јавни обвинители.

На огласот што го распиша Владата на 14 септември, за државен јавен обвинител се пријавија 23 кандидати. По пријавувањето на кандидатите, Советот на јавните обвинители, на барање на Владата, и достави образложено мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите. Мислењето на Советот е обврзувачко за Владата, која пак предложените кандидати ги доставува до Собранието.

Шеесет и тригодишниот Јовески во своето досегашно работење постапувал во кривичната област. Повеќе од 15 години работел како судија по кривични предмети, а во еден мандат раководел со Основниот суд Скопје 2, а има и работно искуство од над 12 години како јавен обвинител и седум години во облата на извршување на кривичните санкции.

Јовески во 1979 година станува приправник во Републичкиот Секретаријат за правосудството на Социјалистичка Република Македонија. Од 1987 година бил судија во Општинскиот суд Скопје 2, во 2003 година е избран за заменик јавен обвинител, а од 2015 година е член на Советот на јавните обвинители на РМ.

На дневен ред на денешната седница покрај именувањето нов јавен обвинител, се и предлог измените на Законот за Судскиот совет на Република Македонија и на Законот за заштита на сведоци, двата по скратена постапка, како и Предлог законот за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, исто така по скратена постапка.