Се подготвува ли и изборен бојкот? Џафери може да стане шеф на државата

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не размислува за бојкот на претседателските избори, велат од партијата, откако аналитичарот Александар Пандов пласираше таква идеја преку националната телевизија. Според поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, опозициската партија треба да ги бојкотира претстојните избори доколку не издејствува тие да се одржат заедно со предвремени парламентарни избори, како што беше во 2014 година.
Во изминатите неколку седмици, ВМРО-ДПМНЕ многу погласно во споредба со власта зборува за претстојните претседателски избори. И вчера од партијата тврдеа дека се подготвени и за претседателски, но и за предвремени парламентарни избори (во случај да има спојување на циклусите) и дека очекуваат изборна победа. Од друга страна, евентуален опозициски бојкот би бил погубен за изборите за шеф на државата, поради цензусот од 40 проценти што треба да се постигне во вториот круг. Со оглед на неодамнешното искуство со референдумот, кога бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ значеше излезност од едвај 36 проценти – и тоа во атмосфера на силни лобирања од надвор, мали се шансите од поголема мобилизација на гласачкото тело во случај една од најголемите партии да реши да не учествува воопшто на изборите или, пак, да го повика своето членство да апстинира во вториот круг.
Во таков случај, до одржувањето на нови избори за претседател, на чело на државата, практично, би бил актуелниот претседател на парламентот Талат Џафери. Тој е првиот етнички Албанец, од воспоставувањето на независноста на земјата, кој стана претседател на парламентот, односно прв претставник на албанскиот политички блок кој е носител на една од трите највисоки функции во државата.
Џафери изјави вчера дека во почетокот на февруари ќе ги распише претседателските избори. Од тогаш, всушност, почнуваат да течат уставно предвидените 90 дена пред завршувањето на вториот мандат на Иванов, кој заминува од функцијата во почетокот на мај. Според тоа, претседателските избори би се одржале во втората половина на март или во првата половина од април.
Премиерот Зоран Заев изјави деновиве дека не планира да ги комбинира претседателските избори со предвремени парламентарни, затоа што, по толку време, чесно е една влада да истера цел мандат. Наспроти тоа, Пандов, гостувајќи на МТВ ѝ сугерираше на опозицијата да го услови нејзиното учество на претседателските избори со паралелно одржување вонредни избори за пратеници. Во таков случај, според Пандов, ВМРО-ДПМНЕ би била изборен фаворит, додека во спротивно опозициската партија би имала многу мали шанси, со оглед на тоа што СДСМ и ДУИ планираат заеднички настап на претседателските избори – со консензуален кандидат.
-Ако СДСМ и ДУИ излезат со единствен кандидат, тогаш не верувам дека другите албански партии ќе излезат со свои кандидати. Тоа значи дека контролата во која било албанска чиста општина ќе биде иста како што беше на референдумот. Во ситуација кога имаме крајно небалансирани медиуми наклонети кон СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ има многу мали шанси на тие претседателски избори. Ако, пак, има и парламентарни избори, имаме големи шанси да направиме тотална демонтажа на оваа хунта на власт, рече Пандов.
Тој нагласи дека ако ВМРО-ДПМНЕ не ги услови претседателските избори со паралелни парламентарни, ќе се бори на цел глас изборите за шеф на државата да бидат избојкотирани.
-Јас немам кажано еден единствен збор против Албанец, ниту една навреда, но перцепцијата за мене е дека јас сум албанофоб. Таква перцепција е создадена и за ВМРО-ДПМНЕ. Тоа едноставно не е точно, констатира Пандов, додавајќи дека медиумите под контрола на СДСМ шират таква пропаганда, а за тоа во минатото ВМРО-ДПМНЕ не воделе сметка.
Во 2014 година, ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија не го прифати предлогот на нејзиниот коалициски партнер Али Ахмети за консензуален кандидат за претседател, по што ДУИ не учествуваше на изборите за шеф на државата. Сепак, при реизборот на Иванов беше надминат потребниот одѕив од 40 отсто, затоа што паралелно со вториот претседателски круг се одржаа и предвремени парламентарни избори, што СДСМ потоа не ги призна.
ДУИ ја реактуелизира сега идејата за консензуален кандидат, така што не е исклучено оваа партија да настапи заеднички со СДСМ на претседателските избори. Двете владејачки партии отворено коалицираа и на локалните избори во општините со мешан етнички состав. (А.М.М.)


Иванов ќе се збогува со пратениците

По мало затишје, лошата кохабитација меѓу претседателот Ѓорге Иванов и владата, вклучително со новото парламентарно мнозинство, повторно дојде до израз во текот на вчерашниот ден, а во врска со годишното обраќање на шефот на државата пред Собранието. И покрај воочливо набиената агенда на законодавниот дом, каде што тече постапката за донесување на буџетот за следната година, а од денеска почнува и расправата за нацрт-амандманите на Уставот, Иванов сè уште не доставил барање до спикерот Талат Џафери да му одреди датум за обраќање пред пратениците.
По вчерашната изјава на Џафери дека не знае дали Иванов планира годинава да се обрати пред Собранието со оглед на тоа што се уште не побарал да биде закажана седница, експресно реагираа од претседателскиот кабинет, од каде што веќе неколку месеци речиси никој не крева слушалка за да одговори на новинарски прашања.
-Претседателот ќе ја исполни својата уставна обврска и во текот на 2018 година. Како и досега, така и во иднина, претседателот Ѓорге Иванов ќе постапува единствено и исклучиво согласно Уставот и законите на Македонија, соопштија од претседателскиот кабинет. Оттаму посочуваат на уставниот член 85, според кој претседателот го известува Собранието за прашања од неговата надлежност најмалку еднаш годишно.
Претстојното обраќање пред парламентот, всушност, ќе биде последно за Иванов како претседател, а второ во овој состав на законодавниот дом. За разлика од периодот 2009-2017 година, кога беше на иста линија со претходната владејачка постава, од 27 април минатата година Иванов е во кохабитација со владата на СДСМ и на ДУИ. Последиците од нивната лоша кохабитација посебно се почувствуваа во случаите со „апсолутното вето“ на Иванов – прво за Законот за употреба на јазиците, а потоа и за Законот за ратификација на договорот од Преспа. Џафери и вчера потврди дека Преспанскиот договор ќе биде објавен во „Службен весник“ без потписот на Иванов, против кого, пак, се води предистражна постапка во обвинителството поради тоа што не ги потпишал двата закони, иако македонскиот Устав дозволува само едно вето.
Џафери потврди и дека тој и уште неколку други пратеници се повикани во обвинителството во врска со истрага за неговиот избор за прв парламентарец на 27 април 2017 година. Тој, како што кажа, ќе оди на распит на 4 декември.