Рецензија: „Враќањето на Мери Попинс“

Токму од причини што „Дизни“ е едно конзервативно студио, од тие причини и мора да ги афирмира конзервативните вредности. Заради ова е и без преседан најуспешното филмско студио кога и да е, кое ги сруши сите рекорди на гледаност. Не само со новите продукции туку и со неретко враќањето на старата класика, која често пати се појавува во кината и ТВ-екраните, особено во празничните периоди, кога гледаноста двојно се зголемува. Но кои се тие конзервативни вредности? Најчесто во земјите од т.н. бивш источен блок преовладува мислењето дека тоа се оние општествени сили кои безрезервно го помагаат постоењето на пребогатите и нечесните со свирепа пропаганда. Но тоа не е вистина бидејќи најголем дел од оние кои на Западот се нешто, почнале од ништо. Таму значи активно се верува во пуританизмот, односно во етиката на тешкиот, но чесен труд. Така конзервативното творештво од сите видови ја поддржува сестраната етика која е вила-заштитничка на сиромашните, угнетените и сите оние кои се пред ризик да го изгубат она кое најмногу го сакаат. Таква вила е и Мери Попинс, која кон средината на минатиот век ја интерпретираше најдобрата воопшто толкувачка на дадилки – Џули Ендрјуз. Во продолжетоков на оваа франшиза се поддржува тезата од основната продукција дека системот во цивилизираното општество треба да е поддржан само во онаа мерка во која тој не си претставува опасност за самиот себе. Поточно сè додека не почне да ѝ се заканува на основаната градивна единка наречена семејство. Не е грешно да се сака да се имаат пари, но тоа треба да се постигне со хуманост, а не лакомост – е пораката на овој филм „Враќањето на Мери Попинс“ во режија на Роб Маршал, со Емили Блант и Бен Уишоу. Некои од банкарите се чесни вљубеници во својата професија, но некои се животни кои проголтуваат сè пред себе.

Етимологијата на зборот бизнис потекнува од византиската сребрена монета бизант која со векови била во најголем оптек во Велика Британија. Економскиот идеал Западот отсекогаш, па и сега, го црпел од Византија – најбогатата империја воопшто. Хералдиката на нејзиното ширење, двоглавиот црн орел на жолта основа, западната култура го одбрала за многу свои држави. Таа го означува надзорното, чесно ширење кон Исток и Запад. Исто така, колоритот на „Вестерн унион“ е преземен од ова. Американските истражувања покажуваат дека сè уште има села во Грција кои го користат ова знаме. Значи чесноста не би смеела да нè враќа кон примитивната проста размена на стоки. Парите служат за да материјализмот биде цивилизиран. Сето ова е со многу вкус замотано во формата на филмскиот мјузикл. Скорот со својата певливост, допадливост и кристалната јасност во заокруженоста на музичката фраза ни најмалку не заостанува зад оригиналот. Искусниот режисер од овој жанр Роб Маршал не згрешил кога употребил цитатност. Речиси сите филмски атракции од основата се присутни и во продолжетокот, од кои навистина блескава е комбинацијата со анимација во музичката точка со пингвините. За да не се изгуби топлината на изразот, е применета класичната аниматорска техника од 35 кадри, а не дигиталната.

Главната интерпетаторка Емили Блант е пример за највисокиот професионализам. Но, сепак, доколку ја споредиме со Џули Ендрјуз, таа би ни се видела како бледа копија. Нејзиното лице и телесен говор се проникнати со англиканска строгост кои пренесуваат студенило. За разлика од неа, пак, кога ќе ја видевме Џули Ендрјуз, тоа беше како сонце да нè огреало. Нејзината спонтаност и детска допадливост досега се без конкуренција. Од основата во овој дел свое појавување имаше Дик ван Дајк, чиј шарм и покрај пластовите на времето ни најмалку не избледел. Доајенката Ангела Ландсбери исто така ја покажа железната професионалност на стариот Холивуд. Колин Фирт со своето лице кое криеше притаена злоба докажа дека и најмалите ролји се најголеми кога се најцелосни. Бен Уишоу, пак, можеше да биде и малку по спонтан, како и поразличен споредбено своите досегашни настапи кои беа обоени со неговиот учтив, радионаративен глас. Особен квалитет на филмов му дава насликаната фотографија на Дион Бебе која дише од здивот на детските сликовници.

Игор Поп Трајков