Рецензија: „Аквамен“

Водата како елемент во културен поглед најчесто се поврзува со жената. Научниците ова го објаснуваат со животот, со чинот на раѓање при што се исфрла многу вода. Не би можело да се каже дека постои некоја подиректна врска при филмувањево бидејќи насловниот лик „Аквамен“ е на фирмата за стрипови „Ди-си комикс“. Овие автори се одговорни и за другите стрип херои од оваа бранша како на пр. Супермен. Како што можете да видите главните блок-бастери во најново време се филмовите кои се инспирирани од стрипови. Причината за ова социолозите ја гледаат во фактот што сегашната публика е многу пообразована од онаа од времето кога овие стрип јунаци настанале. А причината за ова е секако драстичното поевтинување на знаењето достапно преку интернет. Исто така, и покрај тоа што се сметаше дека стриповите се петпарачка забава за лошите ученици, излезе спротивното. А тоа е дека стриповите во себе содржат тешки семантички кодови, а дека заплетите им се некои од најиновативните во историјата. Освен ова стриповите содржат често и еден визионерски дух, особено во погледот на технологиите и развојот на сите гранки на науката. Заради ова стриповите беа, се и ќе бидат непресушна инспирација за научниците. Но од истите овие прогресивни и авангардни причини, стриповите честопати наидувале на прогон и осуда дури и во најразвиените демократии, како закана за пуританскиот морал, односно најмладите.

Генерациите на бунтовници без причина се смета дека настанале како последица на културното влијание на стриповите. Филмов „Аквамен“ (3Д) во режија на Џејмс Ван, со Џејсон Момоа, Амбер Хард, Вилијам Дефо, Патрик Вилсон и Долф Лундгрен, е уште еден доказ што ни укажува дека дури сега стриповите го заземале своето многу заслужено место во историјата на уметностите, иако сè уште не, се чини – и во историографиите. Токму на сите овие полезни едукативни, но и комерцијални аспекти на жанрот филмуван стрип смета и оваа продукција. Сепак рамнотежата на дејствието и пораката не е така совршено постигната како што тоа беше случај со некои други продукции од овој вид во последните неколку години. Имено често пати имате впечаток како да гледате монтажно спојување на два филма во еден- на филмот под вода и оној на суво. Естетиката и ритамот (заради самата природа на средината) не се совпаѓаат, па така не може сосема да дојдат до израз 3Д-ефектите. Не знам што е причината за ова, но некои дигитални ефекти изгледаат навистина невешто, како оние со темните бранови каде што имате впечаток како да гледате некои од прастарите колажни анимации.

Јас неодамна се вратив од Софија и видов дека таму овој филм е вистински хит на големиот аимакс-екран. Воедно би сакал да дадам идеја некому да направи ваква инвестиција тука бидејќи овие екрани се користат и како одлични туристички атракции за локалните потенцијали. Уште пред 30 години во САД гледав проекција на паинмакс, без очила (со звук на 6 канали), за Големиот Кањон во националниот парк. Можеби да го гледавме со ваква техника филмов ќе оствареше поефектен впечаток. Но, како и да е, токму шармантноста во претставувањето на интелектуалните потенцијали доведе до тоа оваа продукција да стане светски хит. Како и во другите вакви претходници го нема веќе она претерано инсистирање на лесната забава од типот на освежувачка лимонада. Сега присуствуваме на игра на вплетени митови каде пресудната ролја ја има семоќниот тритон- кој во случајов е шилец со троен завршеток. Во интерпретацијата на митските суштества најмногу се истакна и ги засени сите останати преталентираната Никол Кидман. Таа во ролјата на мајката на сè, но која сепак ја бара само својата ќерка, го постигна ефектот дека големината се досегнува кога умееме да се смалиме. Остатокот од кастингот исто така функционираше совршено докажувајќи дека сè станува поквалитетно кога ќе се соединат различностите.

Игор Поп Трајков