Пукна како скандал, се претвори во пресметка: Обвинителите се снимале и кога дознале

Уште во 2013 година, кога се набавувала телефонската централа во Јавното обвинителството, имало опција за снимање на телефонските разговори на обвинителите. Јавниот обвинител Љубомир Јовески веста ја соопшти откако два часа им држеше предавања на новинарите за транспарентноста на јавното обвинителство и какви информации може да соопштат во предистражна постапка, која според законот е тајна.

На крајот од средбата јавниот обвинител го соопшти откритието, дека нашле два хард-дискови со снимани разговори кои датираат од 30 септември 2016 година.

Веднаш по оваа вест, прес-конференција пред Јавното обвинителство одржа владиниот портпарол Миле Бошњаковски, кој обвини дека снимањето на разговорите на обвинителите се остатоци од минатата власт, за потоа премиерот Зоран Заев да соопшти дека ваква централа имала и во новата зграда на Основниот суд Скопје 1 и за ова индиректно ги обвини тогашните први луѓе на овие две институции кои ги набавиле опремите, поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски и поранешниот републички јавен обвинител, Марко Зврлевски. Опозицијата, пак, одговорност за прислушувањето побара од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој токму во септември 2016 година беше избран за министер за внатрешни работи во техничката влада.

Информацијата која одекна како скандал сега доби други димензии, по информациите дека Министерството за животна средина склучило договор за набавка на телефонска централа со можност за снимање и преслушување на разговорите. Заев сега вели дека што ќе се употребува одлучува раководното лице.

„Раководното лице во самата институција одлучува што од тоа ќе се употребува. Имаме системи каде што има потреба од снимање, како што е снимање за следење судски рочишта… Самиот претседател на суд, шеф на обвинителство, министер, премиер или кој било одлучува што тоа употребува или не. Начинот на донесувањето на одлуката дека тоа се употребува, односно се става на снимање, е кривично дело, и вториот дел начинот на користење на тоа е уште поголема злоупотреба. Истрагата треба да покаже навистина каде соодветното раководно лице дало наредба да се употреби, односно да се вгради и вториот дел каде што е тоа употребувано“, рече премиерот.

Од вест дека обвинителите биле прислушувани, премиерот сега верува дека злоупотреба била невозможна бидејќи тоа било навремено откриено. Истрагата на Обвинителството треба да одговори дали сниманите разговори во Обвинителството биле копирани и преслушувани за некакви цели и зошто републичкиот јавен обвинител, кој е веќе една година на функција, дозволил разговорите во обвинителството да се снимаат до соопштувањето на скандалот.

Познавачите на системите за прислушување и телефонските централи велат дека тоа се стандардни делови на централите и дека она што треба да се истражи е која била целта на оној што ја набавил опремата.

„Ова е невнимателност на оние што ја презеле власта, дури и ако некој им го направил ова намерно со цел да ги контролира откако ќе се смени власта, им било должност да проверат какви сè опции има таа централа. Малку доцна го забележал тоа јавниот обвинител, тој е цела година јавен обвинител. Власта не може така да се однесува кон своите институции, зошто не се направат тела кои ќе испитуваат каква е безбедноста на тие комуникациони уреди“, велат познавачите на уредите за прислушување.

Според нашите извори, кога се сменила власта, на новиот обвинител требало да му се укаже со какви капацитети располага таа централа и е нејасно зошто никој не го исклучил кабелот и не ја прекинал опцијата за снимање. Истрагата почнала оваа пролет, а обвинителите биле снимани и по започнувањето на истрагата.

Заев вели дека за тоа одлучува Обвинителството и самиот обвинител истражува дали треба да чепка во системот или не. „Тоа е работа на Обвинителството. Обвинителството е тоа што дава наредби и слично. Пријавата беше до МВР и МВР ги информира истражните органи во државата. Секако министерот за внатрешни работи го информира и својот шеф, премиерот на државата. И оставивме истрагата да тече. Тие заклучија во кој момент ја завршуваат истрагата и го споделуваат тоа во јавноста“, изјави Заев.

Сепак, премиерот е дециден дека одговорност за овие централи мора да има.

Според неговите информации, системот во Основниот суд Скопје 1 сè уште не е ставен во функција, но системот е вграден.

„Кој дозволил таков систем да се вгради? Во ЈО треба да си каже државниот јавен обвинител затоа што самите институции кога ги сменија своите раководни структури ја отворија веднаш истрагата. Така ќе биде и за секоја јавна институција“, изјави Заев.

Аферата за снимањето на обвинителите се отвори откако министерот за внатрешни работи одговорно тврдеше дека во Македонија не се прислушува нелегално и дека „тврдината“ на минатата власт веќе не постои. Спасовски е на чело на Министерството за внатрешни работи веќе две години, но власта сега допрва ќе ги проверува централите кои биле вградени во институциите.

Тој вели дека обвинителството и судството се независна власт и МВР нема можност самостојно да прави проверки на институциите.

Фросина Факова – Серафиновиќ