Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер влезе во надзорниот одбор на рускиот огранок на „Глобус“
Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер стана член на надзорниот одбор на руската подружница на германската малопродажна групација „Глобус“ (Globus), соопшти денеска компанијата, пренесе ДПА.
Акционерите го именуваа Шредер во надзорниот одбор на 30 септември, потврди за ДПА руската фирма „Хиперглобус“ (Hyperglobus).
Поранешниот канцелар ќе учествува во општото управување со компанијата и ќе го предводи нејзиниот стратешки развој во Русија, се додава во соопштението.
Нема се уште потврда од 82-годишниот политичар, инаку близок пријател на рускиот претседател Владимир Путин, дека ја презел новата функција,.
Руската подружница беше издвоена од германската холдинг-компанија во јануари 2025 година и работи независно во Русија, потсетува германската агенција.
Шредер беше германски канцелар од 1998 до 2005 година. Кон крајот на својот мандат, тој се договори со Путин за изградба на гасоводот „Северен тек“ (Nord Stream) преку Балтичкото Море. По повлекувањето од политиката, тој презеде функции во „Северен тек“ и во руската енергетска групација „Росњефт“ (Rosneft).
Неговата блиска поврзаност со Путин и неговиот ангажман во руските енергетски компании со години се предмет на критики. Шредер повеќепати се сретнал со Путин по почетокот на руската војна против Украина, потсетува ДПА.