Промоција на романот „Маџун“ на академик Влада Урошевиќ

Задутре, од 19 часот, во „Кино култура“, ќе се одржи промоција на најновиот роман „Маџун“, (во издание на „Магор“) на македонскиот писател и академик Влада Урошевиќ. Вовед во делото и разговор со авторот ќе води Владимир Јанковски, а авторот ќе чита делови од романот.

За книгата, проф. Лидија Капушевска-Дракулевска ќе истакне:

„Романот ‘Маџун’ на Влада Урошевиќ е структуриран од три дела, и тоа: Рајот на детството, Сјајот на детството и Крајот на детството. Веќе самите наслови на одделните поглавја ја откриваат доминантната тема на детството, која како Aријаднина нишка се провлекува низ многуте лавиринтски патеки на оваа повеќеслојна и комплексна проза. Зашто, романот ‘Маџун’ не е само роман за детството, туку е и роман на атмосфера, и роман со исклучително урбан сензибилитет, и роман сложувалка во духот на постмодернистичката парадигма, и роман загатка…

Влада Урошевиќ (1934, Скопје) македонски поет, прозен автор, критичар, есеист, антологичар, преведувач. Член на Македонската академија на науките и уметностите, како и на повеќе академии во странство. Како редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност, држел предавања по историја на европските литератури од XIX и XX век.

Почнувајќи од „Еден друг град“ (1959), објавил десет збирки поезија. Помеѓу неговите прозни дела има шест збирки раскази, пет романи, три книги записи и патописи. Во повеќе книги се собрани критиките и есеите во кои, главно, зборува за македонските писатели. Има две книги за фантастиката во литературата, како и две книги за фантастиката во сликарството. Помеѓу антологиите што ги составил се одделуваат: „Црниот бик на летото“ (1963), избор на поезијата на помладата генерација македонски поети, „Црна кула“ (1976), антологија на фантастичниот расказ во литературите на некогашната Југославија, и „Големата авантура“ (1993), антологија на францускиот надреализам.

Неговата дејност како преведувач на поетски дела е свртена, пред сè, кон француската поезија. Ги препеал на македонски „Цвеќињата на злото“ на Ш.Бодлер, како и изборите од поезијата на А. Рембо, Г. Аполинер, П. Елијар, А. Бретон, А. Мишо, Ж. Превер.

Влада Урошевиќ е единствен македонски поет кој ја добил трипати наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на Струшките вечери на поезијата. За својот книжевен опус, именуван е од Владата на Република Франција прво за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот ред. Книгите на Влада Урошевиќ се преведени на повеќе јазици: англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, француски и шпански.