(Видео) Продолжија протестите пред Собранието

Граѓани и вечерва се собираа пред зградата на Собранието на Република Македонија за да изразат несогласување со потпишаниот договор за менување на името на државата.

Протестот почна во 20:00 часот со блокада на булеварот „11 Октомври“, а во исто време припадниците на полицијата се распоредија пред зградата на Парламентот.

Учесниците на протестот го извикуваат името на претседателот на државата, „Македонија“, „Едно име имаме“, и „Предавници“. Притоа,  демонстрантите повикаа на повторни протести утре во 11 часот пред пленарната седница на која на дневен ред е ратификација на договорот за името меѓу Македонија и Грција.

Тие ги повикаа граѓаните и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ заедно со лидерот на партијата, Христијан Мицкоски да го блокираат Собранието.На протестот се обратија повеќе лица меѓу кои Солза Грчева и Филип Петровски.