Претседателот Иванов ќе се обрати во Парламентот

Претседателот на државата Ѓорге Иванов денеска напладне ќе го одржи традиционалното годишно обраќање во Собранието на Република Македонија.

Редовното годишно обраќање на Претседателот на РМ пред законодавниот дом е предвидено со Уставот на државата.

Ова ќе биде девето редовно обраќање на Иванов пред парламентот откако е избран на функцијата, а четврто во неговиот втор мандат. Сепак, ова е прво обраќање на шефот на државата во ситуација кога парламентарното мнозинство е предводено од СДСМ – како владејачка партија со која тој е сега во кохабитација.

Претходните четири години, пратеничките групи на СДСМ и на ДУИ не присуствуваа на обраќањата на Иванов, затоа што не го признаваа неговиот легитимитет откако по вторпат беше избран на функцијата. Овој пат, пак, прашање е дали ВМРО-ДПМНЕ, чиј кандидат за претседател беше Иванов, денеска ќе се врати во парламентот, со оглед на тивкиот бојкот на сега опозициската партија.

Минатата година, Иванов се обрати од неговата резиденција на Водно, поради тоа што претходниот парламентарен состав беше распуштен, а новиот парламент не беше конституиран се уште.