Презентација на стипендии за студирање во странство

На 27 октомври во хотел Континентал по деветти пат ќе се одржи „Стипендии ЕКСПО“ за информирање на сите заинтересирани за студии во странство.

„Ова е единствен настан од ваков вид во Македонија, кој нуди уникатна можност на едно место да се презентираат голем број можности за студии во странство и стипендирање од страна на универзитетите.
Годинава ќе учествуваат над 30-на институции со свои штандови, на кои посетителите ќе имаат можност да се запознаат со претставници од многу приватни и државни универзитети и да одберат од понудените студиски програми, стипендии и други форми финансиска помош што им се достапни на македонските граѓани за студирање во странство“, се вели во соопштението.

„Стипендии ЕКСПО“ се состои од два елементи: Сала за изложувачи (универзитети и институции кои доделуваат стипендии) каде ќе бидат презентирани нивните студиски и стипендиски програми директно на посетителите на настанот.

Покрај салата за изложувачи ќе има и одделна просторија каде претставниците на универзитетите ќе ги презентираат своите програми за стипендиите кои ги нудат, како и останатите видови финансиска помош за високо образование.
Програмата за презентациите на годинешниот настан ќе биде достапна на влезот на настанот и на веб порталот http://www.studyabroad.mk.

Влезот на манифестацијата е бесплатен но потребно е се пополни пријавата со свои податоци. Секоја влезница има свој уникатен идентификациски број кој го означува идентитетот на посетителот. Истото може да се направи и претходно, најавувајќи ја својата посета преку пополнување на електронската форма за регистрација, http://studyabroad.mk/events.asp?ID=1.