Превод на романскиот роман „Сапунот на Леополд Блум“

„Македоника литера“ од Скопје објави превод на романот „Сапунот на Леополд Блум“ од романската писателка Нора Југа и соопшти дека се работи за комплексен роман во кој се мешаат жанрови.

-Тој е своевиден стилски експеримент со длабока оригиналност, со што, пак, не е жртвувана приказната. Во раскажувањето често се губи границата меѓу реалното и надреалното, лирското и фактографското раскажување. Како и во неколку други дела на Нора Југа, и ова говори за еро­тиз­мот, осаменоста и староста, за сеќавањето и драмите, и послед­но, но не и најмалку важно, за радоста на пишувањето, наведува издавачот за новата книга која од романски јазик ја преведе Ирина Кроткова.

Авторката Нора Југа (литературен псевдоним на Елеонора Алмоснино) е позната романска поетеса, романсиер и преве­дувач од германски јазик, родена во 1931 година во Букурешт и од 1971 член на Сојузот на писателите на Романија и член на ПЕН Клубот.

Романот „Сапунот на Леополд Блум“ го објавила во 1993 година, а наредната 1994 за него ја добила наградата на Сојузот на писателите на Романија. Има објавено повеќе од триесетина книги поезија и проза, а книгите ѝ се преведени на повеќе од десет странски јазици.