Пратениците на пауза: За јавен обвинител ќе се гласа попладне

Пратениците на денешната 22 седница на Собранието на Република Македонија ја усвоија потребата од донесувањето закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија.

Заменик-министерот за правда Оливер Ристовски образложи дека се работи за многу краток и итен закон, кој согласно член 170 од Деловникот оди по скратена постапка.

– Се работи за пренесување на надлежноста во утврдување на одговорноста и разрешување на судиите од Советот на факти кон Судскиот совет. Предложен е закон за укинување на Законот со кој е формиран Советот на факти и таа надлежност сега се префрла во Судскиот совет. Поради краткоста на самото законско решение немаме нови законски решенија, туку едноставно префрлање на надлежност и сметаме дека овој закон треба да оди по скратена постапка, рече Ристовски.

Додаде дека ова е еден од приоритетните закони заедно со Законот за заштита на сведоци кои се во програмата на Владата „3-6-9“ и додаде оти се задолжени што побрзо да се донесат во Парламентот.

Пратениците ја усвоија потребата од донесување на седумте закони кои денеска беа на дневен ред, предлог законот за пензиско и инвалидско осигурување, законот за здравствено осигурување, законот за придонеси, законот за акцизи, законот за Судски совет, законот за заштита на сведоци, законот за Советот за утврдување на факти.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски во процедурална забелешка рече дека 90 отсто од сите законите што ги предлага Владата до Собранието се предложени по скратена постапка.

Тој побара Владата да размисли и да ја прекине праксата сите закони да ги праќа по скратена постапка, пратениците од мнозинството да го издејствуваат тоа, а претседателот на Собранието Џафери да го искористи својот авторитет.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата Томислав Тунтев процедурално укажа дека од денешните седум закони во скратена постапка три веќе се дебатирани.

– Ние како опозиција во минатиот мандат ги поднесовме како предлог-закони и разговаравме за нив, имаше дискусија и се согласуваме да одат во скратена постапка зашто дебата околу тие прашања имало. Другата група закони од сферата на финансиите и социјалната заштита се однесуваат на одложување на законските решенија. Се работи за техничка неподготвеност или неподготвеност на одредени служби за да ги применуваат законите. Законите се донесени во минатиот период, но од објективни причини не е возможна нивната примена, рече Тунтев. Потенцира дека и тие како пратеничка група се против разгледување закони по скратена постапка.

Собранискиот спикер даде пауза до 15 часот до кога овие закони треба да поминат на матичните комисии.

На дневен ред на оваа седница е именувањето на Јавен обвинител на Република Македонија.