Партиите се натегаат, роковите газат: Две сценарија за референдумот

Викендот што претстои се најавува во политички кругови како одлучувачки за референдумот за името. Според наши информации, не е исклучено в сабота да се одржи собраниската седница што беше планирана за понеделникот вечерта, а од чие закажување крена раце спикерот Талат Џафери откако по полноќ стана јасно дека нема договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ – овој пат за Законот за финансирање политички партии. Има и најави дека в сабота може да биде донесена одлуката за распишување на референдумот, со оглед на тоа што остануваат само уште неколку дена за да се фати минималниот рок од 60 дена што треба да поминат од закажувањето до распишувањето на референдумот, за гласањето да може да се спроведе на 30 септември. Доколку првично планираните рокови бидат пробиени, останува како варијанта и 7 октомври, додека проценките за неделите што следуваат се дека „задоцнетиот“ референдум може да ги развлечка и следните фази од спроведувањето на договорот со Грција, наспроти првичните намери целиот процес да заврши до средината на јануари следната година, за потоа преспанскиот документ да биде ратификуван и во грчкиот парламент.

Џафери ни изјави вчера дека овој пат не планира да закажува седница додека не види готови предлози на маса.

– Минатиот пат, пратениците беа приморани да останат во Собранието до еден часот по полноќ чекајќи да се усогласат предлозите на законите за кои партиите разговараа на лидерската средба. На крај, работните групи не постигнаа согласност. Затоа сега не планирам да закажам седница додека не видам предлози во пишана форма, независно дали нивни предлагачи ќе бидат група пратеници или владата – вели претседателот на парламентот.

Во игра се, всушност, две сценарија. Ако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ постигнат договор, голема е веројатноста в сабота да се избере новиот состав на ДИК, кој веќе го помина првиот филтер во Комисијата за избори и именувања. Истиот ден би биле изгласани и измените во Законот за финансирање на политички партии и во Законот за влада, според договорот од првата „рунда“ разгововори меѓу лидерите во понеделникот. Во „пакетот“ би можела да влезе и одлуката за распишување на референдумот, во која треба да бидат наведени и податоци за карактерот на изјаснувањето и за референдумското прашање, за што, пак, засега нема согласност со ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ вчера се огласија дека остануваат на ставот дека се против двосмислени референдумски прашања.

„За ВМРО-ДПМНЕ изборот е ЕУ и НАТО, но и одбрана на националните и државни интереси. ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе остане на страната на демократијата и ќе се бори да не биде изиграна вистинската волја на граѓаните со изигрување на гласачкиот процес или доведување на граѓаните во заблуда со двосмислени прашања. Затоа и ВМРО-ДПМНЕ бараше еднакви можности за фер и демократска атмосфера за следните парламентарни избори“, се наведува во партиско соопштение.

„Резервната варијанта“ или второто сценарио е во случај да нема договор со опозицијата. Тогаш, се очекува парламентарното мнозинство да ги изгласа измените во Изборниот законик. Но, во таква ситуација нема да може да биде избран новиот состав на ДИК додека законските измени не стапат во сила и додека не бидат потпишани и од претседателот Ѓорге Иванов. Поради тоа, неизвесно е засега дали парламентарното мнозинство би се истрчало да го распише референдумот без претходно да биде избрана новата гарнитура во ДИК.

Сепак, и покрај целиот политички театар што се одигруваше во понеделникот – уште од раните утрински часови па до длабоко во ноќта, очекувањата во владејачкиот табор се дека до крајот на неделата ќе биде постигнат договор, ако не за референдумското прашање, тогаш барем за изборот на ДИК, па и за законските измени што ВМРО-ДПМНЕ ги постави како услов за деблокада на предреферендумски процедури. Во таа насока се и неофицијалните информации дека за време на последната лидерска средба имало и тет-а-тет соочување меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Не се знае што си кажале двајцата лидери и што ќе значи нивната средба очи в очи за понатамошните процеси поврзани со референдумот. Затоа, пак, има информации дека Заев тешко дека ќе отстапи од ставот за неприфаќање на амнестијата, независно од тоа на каков начин опозицијата се обидува да го протурка овој проект. Всушност, според партиски извори, СДСМ можеби и би направил одредени отстапки во оваа насока со оглед на ризикот што го носи високиот референдумски праг за излезеност. Ама тоа е апсолутно неприфатливо за меѓународните фактори кои инсистираат на целосно спроведување на договорот од Пржино, чија централна точка, пак, е формирањето на СЈО.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој го претставува СДСМ во работните групи, изјави вчера дека се работи сè уште на детали на законите. За тоа дали е точно дека ВМРО-ДПМНЕ барала бришење на членот 165-а од Кривичниот законик, Манчевски рече дека имало и такви барања, и некои други барања за амнестија и оти се работи за генерално барање за амнестија, но тој не би навлегувал во детали.

– И Македонија и референдумското прашање се заложници на барање за амнестија и за зачувување на лични интереси – тврди министерот.

Пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов, пак, посочи вчера дека нема да се дозволи ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да ја закочат, како што рече, македонската иднина.

– Како одговорна партија, заедно со сите политички субјекти кои се на страната на НАТО и ЕУ, ќе овозможиме волјата на граѓаните да биде целосно испочитувана и реализирана. Ќе победи волјата на граѓаните. Ќе има ДИК, ќе има и референдум, амнестија на криминалот нема да има – рече Костадинов.

Се барале парични казни за незаконски финансираните кампањи

 

ВМРО-ДПМНЕ, според неофицијални информации, барала парични наместо затворски казни за злоупотреба на средствата за изборни кампањи. Иако првичните најави беа дека опозициската партија се откажал од предлогот за измени во Кривичниот законик, ноќта во понеделникот камен на сопнување во однос на т.н. амнестија стана Законот за финансирање на партиите.

Првично, ВМРО-ДПМНЕ бараше да се изменат членовите 353 и 165-а кои ги третираат делата злоупотреба на службената положба и овластување и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања. Евентуалното прифаќање на овие предлози, според проценките, ќе значеше застарување или определување условни казни за барем десетина од случаите што ги отвори СЈО против поранешни високи владини функционери од времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Но на крајот на денот излезе дека опозицијата и натаму бара заобиколен начин да го спроведе она што премиерот Зоран Заев го нарече индиректна амнестија.

Последните информации се дека ВМРО-ДПМНЕ, навистина, го замрзнала засега предлогот за измени во членот кој се однесува на злоупотребата на службената должност. Затоа, пак, повторно се обидела да издејствува измени во казните што се предвидени за незаконско финансирање на изборните кампањи, овој пат во текот на разговорите за законот за финансирање на политичките партии. Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ во работната група што заседаваше во парламентот, наводно, побарале да се предвидат парични наместо затворски казни за незаконско финансирање на изборните кампањи.

Наспроти тоа, членот 165-а од Кривичниот законик предвидени се парични, но и затворски казни и тоа до три години затвор за тајно донирање за изборна кампања со износ кој го надминува законскиот максимум. Уште повисоки казни, од најмалку пет години затвор, пак, се предвидени за организатор на изборна кампања кој со непријавување на изворот на финансии и со спречување на надзорот над трошењето на планираните средства, со неподнесување финансиски извештај, со пречекорување на законските ограничувања, со користење недозволени средства за изборната кампања… ќе го злоупотреби своето овластување како организатор на кампањата. Членот 165-а од Кривичниот законик предвидува, исто така, и конфискација на незаконски стекнатите средства.

Александра М. Митевска