Сопствен буџет и зграда за прислушувачите

Новата оперативно-техничка агенција, која ќе биде задолжена за прислушувањето во земјава, ќе поседува сопствен буџет и нови простории. Ќе почне да функционира од први ноември наредната година. За вработување во ОТА ќе биде распишан оглас, а се претпоставува дека мнозинството нејзини членови ќе го сочинуваат вработени од Управата за безбедност и контраразузнавање. Надзорот ќе го вршат пратеници во парламентот, како и граѓанскиот сектор, но сите тие ќе одговараат пред Собранието.

Ова се дел од новитетите што после празниците влегуваат во собраниска процедура откако Владата на завчерашната седница даде зелено светло за предлог-законските решенија за реформите во безбедносните и разузнавачки служби според приоритетите во извештајот на европскиот експерт Рајнхард Прибе.

Извори од Министерството за внатрешни работи тврдат дека можностите за злоупотреба од технички аспект ќе бидат сведени на минимум, иако ќе треба многу да се поработи на човечкиот фактор. Досега, велат тие, опремата целосно беше во рацете на УБК, а нејзини вработени ја злоупотребуваа моќта и на тој начин нелегално беа прислушувани десетици илјади граѓани. Сега, опремата што е во сопственост на мобилните оператори се сели во новите простории на ОТА, додека во УБК останува опремата што ја поседува Министерството за внатрешни работи.

Ниту една агенција или институција што поседува опрема за прислушување нема да може да ја користи, затоа што ‘свичовите’ ќе бидат во ОТА. Конкретно, кога некоја институција ќе добие дозвола, односно налог за прислушување на одреден телефонски број, го кажува бројот, но не и идентитетот на сопственикот, а ОТА го приклучува уредот за прислушување. ОТА не знае чиј е тој број, а тој што бара да се изврши прислушување не може да прислушува без да ѝ каже на ОТА. На тој начин, стапува на сцена првиот контролен механизам“, брифираат во МВР.

Засега не се знае колку ќе чини новиот проект, дали ќе поседува сопствен буџет, колку вработени ќе има и каде ќе биде сместен. Во МВР велат дека се вршат последните анализи, а со податоците сакале или не ќе мораат да излезат кога ќе ги бранат законските решенија пред народните избраници.

Што се однесува до контролата, покрај сегашната собраниска комисија, која де факто немаше никакво влијание врз процесот, се создава и граѓански совет, сочинет од претставници на граѓанскиот сектор, како и од странски експерти. Нивниот состав, исто така, ќе биде познат по објавениот оглас, а се шпекулира дека ќе има максимум пет члена.

Нивна задача ќе биде да реагираат веднаш кога некое лице ќе се посомнева дека се следи и да ја алармираат ОТА“, тврдат извори од Министерството што работеа на законските решенија.

Нејасно е како ќе функционира и ова тело бидејќи во пракса може да се очекува десетици, стотици и илјадници граѓани секојдневно да пријавуваат дека некој им го прислушува телефонот. Членовите на комисиите за надзор ќе можат и ненајавено да извршат контрола и да видат како се одвива следењето.

Директорот на ОТА ќе биде избран со двотретинско мнозинство во Собранието и би требало да е од експертската фела, а ново е што ќе му биде одреден и заменик што, наводно, било резултат на притисоците што ги правела ДУИ. Директорот на ОТА најмалку еднаш годишно ќе дава извештај за сработеното пред пратениците, но не и пред јавноста што беше еден од аргументите против законот на граѓанските активисти. Во МВР тврдат дека нема шанси вработени во мобилните оператори да ги злоупотребуваат шифрите, затоа што сѐ ќе биде во рацете на ОТА и само оттаму ќе може да биде „свртен вентилот“. Експертите што работеа на законските измени уверуваат дека е направено сѐ за да не се повтори скандалот со прислушуваните разговори од претходните години. Од тие причини, меѓудругото, изминативе шест месеци откако е на власт владата на Зоран Заев, отказ им е поделен на четворица вработени на УБК, а неколкумина сами си заминале. Покрај тоа, за да немало злоупотреби, за прислушувањето се грижел специјален подофицер, тврдат во МВР.

Како што пишувавме, ОТА всушност ќе ја замени Управата за безбедност и контраразузнавање и ќе раководи со уредите преку кои се вклучува, управува и исклучува сигналот за следење на комуникациите, односно уредите преку кои се овозможува пристапот на органите до податоците од мобилните оператори и целата техничка координација за следењето на комуникациите. Агенција ќе има од 30 до 50 обучени професионалци. Во зависност од софистицираноста на опремата со која располагаат службите, како и на бројот на оперативците, зависи колкав голем број комуникации ќе се следат истовремено. Се оперира со неофицијална бројка од 50.000 разговори во минута. Експертите стравуваат дека злоупотреби се можни од вработени во МВР, кои откако еднаш ќе добијат пристап до софтверот на мобилните оператори, може да го продолжат со прислушувањето и по истекување на рокот за поведување посебни истражни мерки, кој не смее да е подолг од 14 месеци.

Горан Адамовски