Османи и Маричиќ нема да земаат две плати

На 24 мај годинава Црна Гора доби нов преговарач со Европската Унија. Дотогашниот Александар Андрија Пејовиќ беше принуден да даде оставка затоа што три месеци претходно Дирекцијата за спречување корупција го обвини за судир на интереси и ограничување во вршењето јавни функции. Вината беше во тоа што како министер за европски работи прифатил да работи за уште една плата – онаа како главен преговарач со ЕУ. Таа втора „преговарачка“ плата му носеше дополнителни 4.690 евра месечно, а покрај тоа, платен му бил и стан во Брисел, за чиј месечен закуп од државниот буџет на Црна Гора се исплаќале околу две илјади евра.

„Нагласувам дека постапив по важечките прописи што ги донесе владата, а кои се работени според примерите на Хрватска и на Србија. Таму функцијата главен преговарач, исто така, подразбира статус на амбасадор во Мисијата во Брисел. Што се однесува до критиките дека земам две плати, така е утврдено со решение на премиерот, а не по моја желба“, се правдаше Пејовиќ.

Откако критиките во јавноста нè стивнуваа, мораше да си даде оставка. На неговото место беше именуван Александар Дрлевиќ, а владата во Подгорица презеде уште еден потег за да не ѝ се случи истото: го укина Министерството за европски работи, а главниот преговарач доби канцеларија покрај кабинетот на премиерот Душко Маровиќ.

Земјите од регионот имаат различни искуства околу преговарачкиот тим за членство во Унијата. Хрватска, на пример, која стана членка на ЕУ на 1 јули 2013 година, сите осум години додека траеја преговорите, имаше ист претставник: Владимир Дробњак. На таа функција пристигна од Њујорк, каде што од 2003 до 2005 година беше хрватски амбасадор во Обединетите нации. Претходно, пак, беше амбасадор во Европската Унија, така што одлично ја познаваше проблематиката. Иако за време на неговото преговарање се менуваа партиите на власт во Хрватска, неговото место во ниту еден момент не беше доведено во прашање.

„Дај боже што побргу да останам без работа, затоа што тоа ќе значи дека Хрватска ги завршила преговорите. А, подоцна, кога ќе влеземе во ЕУ, ќе имам други обврски“, е една од неговите највпечатливи изјави дадени додека траеја преговорите.

Србија e предводена од Тања Мишчевиќ, професор на белградскиот Факултет за политички науки и поранешна претседателка на Канцеларијата за придружување кон ЕУ. Српските медиуми пишуваа дека никогаш не била член на ниту една партија, но нагласуваат оти му е колешка од факултет на министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ. Таа и нејзиниот тим, кој во само најблискиот круг брои триесетина луѓе, двапати годишно ја известува Европската комисија за спроведување акциски планови.

Со одлука на македонската влада на понеделничката седница, за главен преговарач со ЕУ е назначен вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, а за технички преговарач, советникот на премиерот, Бојан Маричиќ. Османи на оваа функција е од лани, тој е лекар по професија од 2004 година. Маричиќ, пак, пред да стане советник за евроатлантски интеграции на премиерот Зоран Заев, беше долгогодишен граѓански активист во невладиниот сектор. Четири години беше извршен директор во Македонскиот центар за европско образование. Таму работел вкупно седум години.

Според информациите на „Независен весник“, и двајцата остануваат на позициите што ги имаат сега, односно преговарањето со ЕУ, барем засега, нема да им смени ништо во секојдневните обврски.

„Така ќе биде до септември, кога почнува официјалниот почеток на скринингот. Тогаш, претставници на Европската комисија ќе дојдат во Скопје со материјали за сите 33 поглавја што ќе треба да се усогласат и да се мониторираат. Дотогаш, нашиот тим ќе отиде еднаш во Брисел на подготвителна средба, но главната работа е од есен. Потоа, еднаш месечно ќе бидат повикувани во седиштето на ЕУ за да дадат отчет што сработиле, колку и како. Конкретно, Маричиќ, како во примерот со Црна Гора, веројатно ќе добие канцеларија покрај кабинетот на премиерот Заев за да може целосно да се посвети на новиот ангажман, додека Османи нема да ја напушти министерката функција, но преговарачкиот процес ќе го води без дополнително платен ангажман, нема да добива уште една плата“, велат извори од владата за „Независен весник“.

Како што е вообичаено, процесот на скрининг, кој подразбира запознавање на земјата кандидат со правото што владее во ЕУ, започнува со поглавјата 23 и 24: владеењето на правото, судството, корупцијата, слободата и безбедноста. Трае околу една година и се спроведува врз основа на изготвен распоред од страна на Комисијата. Се оди поглавје по поглавје, освен за поглавјата 34 (Институции) и 35 (Други прашања), кои се предмет на преговори во последната фаза од процесот на пристапување.

„Најпрво се одржуваат состаноци за објаснување на кои претставници на Комисијата детално го презентираат правото на ЕУ, а потоа билатерални состаноци со секоја држава. Потоа, Комисијата подготвува извештај за скринингот и му го презентира на Советот. По извршениот скрининг на соодветното поглавје, Советот одлучува за започнување на преговорите, по препорака на Комисијата“, објаснуваат од Секретаријатот за европски прашања (СЕП).

Еврокомесарот Јоханес Хан, кој завчера присуствуваше на владината седница во Скопје, официјално го означи почетокот на процесот на скрининг и подготовки за пристапните преговори за членство на земјава во Европската Унија во јуни 2019 година. Македонскиот премиер истакна дека процесот ќе го раководи Владата, но во него ќе учествуваат и Собранието, опозицијата, судството, граѓанското општество…

Владата ги задолжи СЕП и Министерството за надворешни работи до крајот на јули да подготват предлог-концепт за преговорите со ЕУ.

„Благодарение на реформските приоритети на кои работеше Владата во изминатата година, како и на постигнатите договори за добрососедство со Бугарија и за името со Грција, придонесоа ЕУ ширум да ја отвори вратата. Спогодбата со Грција е придонес за просперитет, мир и стабилност за целиот регион. На вас е да одлучите за иднината на вашата земја, на еден слободен и суверен начин. Граѓаните треба да ја донесат конечната одлука, да го искористат своето демократско право и да учествуваат на претстојниот референдум“, повтори Хан.

Албанија, која како и Македонија го почнува процесот на скрининг, вчера соопшти дека министерот за Европа и шеф на дипломатијата, Дитмир Бушати, е назначен за главен преповарач со ЕУ. Во исто време, за технички преговарач е назначен Генти Цакај, заменик-министер за Европа и надворешни работи, кој е од Косово, а на оваа функција дојде од местото советник за надворешна политика на премиерот Еди Рама. Министерот Бушати во првата своја изјава во својство на главен преговарач со ЕУ, оцени дека процесот е тежок, но предизвикувачки и оти земјата е подготвено успешно да го спроведе тој процес.

Горан Адамовски