Обезбедувањето на училиштата и учениците го презема Општина Кисела Вода

Општина Кисела Вода во сите основни училишта, кои се под нејзина надлежност ги презема трошоците за физичко и патролно обезбедување на учениците и објектите. Претходно, како што информираат од општината, оваа обврска беше на товар на родителите.

Како што наведуваат преземањето на оваа обврска од страна на општината има за цел намалување на трошоците на училиштата и искористување на средствата во други цели кои ќе овозможат подобрување на условите за учениците и вработените во истите.

Имено, локалната самоуправа по претходно спроведена постапка за јавни набавки, ја избра Агенцијата за обезбедување „Бранител“, која од денеска па се до истекувањето на договорот до 31.08.2018 година ќе врши 24 часовно обезбедување на објектите.

– Благодетите од обезбедувањето во сите 13 училишни објекти (централни и подрачни) ќе ги уживаат вкупно 5280 ученици, како и вработените во нив, стои во соопштението.

Физичкото обезбедување од понеделник до петок, во временскиот период од 07:00 – 17:00 часот ќе го врши по едно лице во објект. Додека, за време на викендите, во сабота и недела, во периодот од 00:00 -24:00 на објектите ќе се врши патролно обезбедување со минимум 10 обиколки на растојание од минимум два часа. Покрај ова, објектите ќе бидат безбедни и во периодот на зимскиот и летниот распуст на учениците.