Можен ли е пресврт?

Четири месеци по потпишувањето на договорот со Грција во Нивице на Преспанското Езеро, тој денеска влегува во клучната собраниска фаза која ќе ја одреди неговата судбина.

Пленарната собраниска расправа, каде што е неопходно двотретинско мнозинство за предложената уставна ревизија, стартува во крајно збунувачка и конфузна ситуација, без обезбеден политички консензус за историската одлука која треба да го отвори патот на земјата кон НАТО и ЕУ, но со минимална надеж дека е можен пресврт во последен момент со опозициско гласање по сопствена одлука. Расправата, според Деловникот, може да трае најмногу десет дена, кога најдоцна ќе се знае дали овој пратенички состав ќе го продолжи процесот на промена на Уставот или, пак, следниот чекор што ќе треба да биде преземен е распуштање на Собранието и закажување вонредни парламентарни избори.

Неизвесно е каков тек и епилог ќе има седницата со оглед на тоа што партиите остануваат на своите позиции. Најголемата опозициска партија со одлука на извршниот комитет и официјално се подготвува за избори тврдејќи дека договорот со Грција е правно и политички мртов. Во ВМРО-ДПМНЕ, од каде што вчера не одговорија конкретно дали нејзините пратениците ќе присуствуваат на пленарната седница, веќе се споменува 9 декември како можен датум за вонредни избори.

Партискиот портпарол Наум Стоилковски на вчерашната прес-конференција рече дека со измените никаде не ќе смее да се употреби Република Македонија ниту, според него, придавките – македонски, македонско, македонска.

„Се менува идентитетот, се менува институционалниот идентитет со кој се идентификуваат граѓаните, се менува културата“, порача Стоилковски.

Во политичките кругови се вртат различни сценарија, иако од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека ниту еден нивни пратеник нема да гласа за уставните измени. Од владејачките партии, неофицијално, велат дека и натаму има контакт со пратениците од опозицијата, но не се открива со колкумина од нив се воделе и водат разговори. Но признаваат дека комуникацијата досега не го дала посакуваниот ефект, со оглед на тоа што нивните колеги, како што нагласуваат, биле под огромен притисок.

Пратеници од парламентарното мнозинство викендов беа и јавно ангажирани во насока на одоброволување на нивните колеги од опозицијата. Од пред  собраниската зграда тие ги повикаа да ги поддржат уставните амандмани откако тие добија пас во Комисијата за уставните прашања, каде што беше доволно просто мнозинство (10:7).

„Исправени сме пред мошне значајна одлука. Сега е моментот на одговорност и дејствување, зашто не се знае дали некогаш воопшто ќе ја имаме оваа шанса. Ги повикувам сите пратеници, особено оние од ВМРО-ДПМНЕ, да се одважат и да ги поддржат овие амандмани со што ќе ја обезбедат евроатлантската иднина на нашата држава. Граѓаните го кажаа својот став, мнозинството ја даде поддршката за тоа Македонија да биде дел од НАТО и ЕУ“, истакна пратеничката од ЛДП, Јулијана Николова, додавајќи дека доколку раководството на ВМРО-ДПМНЕ продолжи со деструктивното однесување единствен излез се предвремени избори – организирани веднаш.

За тоа во каква атмосфера народните избраници ќе треба да го искористат своето демократско право на личен став при носењето на собраниските одлуки доволно зборува писмото „за заштита“ на потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски, упатено до првиот човек, Талат Џафери, со кое го известува дека пратениците, но и нивните семејства, повеќе од една година се соочуваат со сериозни закани и линчувања. Таа бара од него да го извести МВР.

„Како претседател на Собранието, а во контекст на општествено-политичката состојба и процесите во Собранието, одговорно и сериозно сакам да ве известам за нарушениот демократски амбиент во кој пратениците ја извршуваат својата функција. Тие се изложени на јавно искажани закани по нивниот живот, безбедноста на нивните семејства, деца и трпат сериозен говор на омраза и линч на социјалните мрежи. Сето ова, индивидуално и колективно влијае на чувството на безбедност…“, пишува Ременски.

Во собраниската сала ќе биде жешко. Но, веројатно, и надвор од неа. Здружението на граѓани „Преродба“ најавува протести и блокада пред Собранието за, како што велат, да се спречи загрозување, притисок, репресија и уништување на државата.

Протестите ќе започнат во 10 часот, еден час пред закажаната пленарна седница. Организаторите најавија дека протести ќе има секој ден додека не се исполни барањето за поднесување оставка на актуелната власт. „Мораториумските акции на отпорот ќе ги шириме низ земјата и светот. Од говорницата пред Собранието ќе повикаме на продолжување на континуираниот македонски отпор“, се вели во нивното соопштение.

(Н.К.)