Мицкоски и Груевски останаа сами

Фингирана или не, чистката што ВМРО-ДПМНЕ ја направи во понеделникот ќе се одрази врз партијата. Преку ноќ останаа без четвртина пратеници во парламентот, без еден од главните финансиери, без еден од четворицата градоначалници што беа од нивните редови, но и без „началникот“ што десетина години шефуваше со државата и со партијата. Со срушени мостови за соработка со другите етнички партии во земјава и со меѓународните партнери, на лидерот Христијан Мицкоски и на неговите соработници ќе им треба многу повеќе од внатрешна катарза за да стигнат до победничка патека и враќање на власта, како што најавуваат.

Потпретседателот Митко Јанчев, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, „реформистите“ Костадин Богданов и Петар Богојески им се придружија на седумтемина пратеници што гласаа за уставните измени и ќе мораат да ја напуштат партијата. Најавите се дека ќе има нови исклучувања, но и оставки што ќе ги поднесат луѓе што во моментов се на раководни позиции во партијата. Дел од нив отворено се изјаснија дека се против политиките што ги води новото раководство во однос на договорот со Грција, односно евроинтегративниот процес на земјата. Ставени беа на тапет поради гласањето „против“ на референдумот со што, да биде иронијата поголема, беше испочитуван ставот на врвот – секој сам да одлучи дали и како ќе гласа на 30 септември. Пратеникот Панче Минов, кој е дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, веќе рече дека се одметнува поради исклучувањето на неговиот сограѓанин, Митко Јанчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Николоски го подбрал Мијалков

Сепак, тие што ги следат случувањата во вмровскиот корпус знаат дека исклучените одамна се на мета на партиските шефови. Кон Мијалков, кој заедно со братучед му Никола Груевски жареа и палеа до објавувањето на „бомбите“, одамна се вперува прстот со обвинувања оти ја договорил својата слобода од предметите на Специјалното јавно обвинителство во замена за поттурнување на процесот од Преспа. Па, така, се лиферуваа непроверени информации оти тој лично се среќавал со пратеници од опозицијата со цел да ги натера да преминат во владејачкото мнозинство. Самиот Мијалков во пресрет на седницата на централниот комитет рече дека не е време за создавање поделби, напротив, на ВМРО-ДПМНЕ ѝ требало единство како никогаш. Нагласувајќи оти и историската ВМРО имала прозападна ориентација, демантира дека на кој било начин влијаел врз претседателот, пратениците или другите органи на партијата.

Извори од ВМРО-ДПМНЕ брифираат оти идејата за исклучување на Мијалков потекнала од потпретседателот Александар Николоски, кој пред присутните забележал дека работел единствено за свој интерес додека останатите „крвават“ за идеалите на партијата. Се преминало на јавно гласање и еднострано од стотината делегати била донесена одлуката да почне процедура за негово бришење од партијата. Во моментов, тој не извршува никаква функција во ВМРО-ДПМНЕ, не е член ниту на ЦК, поради што и не можел да присуствува на состанокот.

Јавно се гласало и за разрешување на Богданов и исклучување на Богојески од „реформското крило“. Тие од почетокот не наидуваа на симпатии кај вмровското членство, кое ги сметаше за приврзок од Брисел поради нивната јавна битка против Груевски и неговиот стил на владеење. Нивните заложби за прифаќање на договорот им дојде како „кец на десетка“, па ги тргнааа без око да им трепне. Како некој што работи против новото раководство се доживува и Никола Тодоров, кому, исто така, му се забележува оти ги врбувал пратениците да гласаат „за“ со цел да биде спасен од прогоните на СЈО.

Тодоров: Ме избрка фракција на ВМРО

„Ме исклучија од трансформираната фракција на ВМРО, трансформирана во антизападна, анти-ЕУ и анти-НАТО фракција, управувана од луѓе што се водени и заробени од сопствената суета и кои практикуваат застарени методи на политичко дејствување наметнато од старите удбашки структури. Во таква антиреформска, антизападна, недемократска и антимакедонска фракција на ВМРО јас не се пронаоѓам. Затоа, сакам да им се заблагодарам што со овој чекор ме спасија од срамот да бидам дел од нивната секташка фракција. ВМРО преживеала и поминала многу, ќе ги преживее и нив. За разлика од нивната фракција, мојата партија ВМРО-ДПМНЕ е европска, модерна, централнодесничарска партија, во која искрено членуваат македонски родољуби, интелектуалци, работници, домаќини луѓе, народот“, враќа Тодоров.

Единствено, тајно се гласало за Јанчев бидејќи тој бил разрешен од функцијата, а не и исклучен. Како и да е, тешко е да се очекува оти газдата на „Кожувчанка“ и натаму во иста мерка како досега ќе ѝ помага финансиски на партијата, а згора на тоа, ја губат и логистиката што на секои избори ја даваат локалните моќници.

Интересни се реакциите на Илија Димовски и на Антонио Милошоски, кои имаа амбиции да го наследат Груевски, а му се налутија кога тој го протежираше Мицкоски. Димовски рече дека не сака да учествува во фингирани процеси, додека Милошоски му искажа поддршка на Мицкоски заради неговиот став да го бојкотира референдумското изјаснување.

„Сметаме дека до оваа точка на вриење мораше да дојдеме. Со предавството во парламентот, куќата е срушена до темел и сега ќе мора одново да ги поставиме контурите. Но, тоа ќе го направиме со чисти луѓе. Ова ни е шанса да ја исчистиме партијата од сите што се или беа во неа од личен интерес. Да, ќе имаме многу работа и свесни сме за тоа. Очигледно е дека ќе нема брзи предвремени избори и затоа имаме време да почнеме од почеток. Не мислиме дека ќе претрпиме којзнае каква штета. Напротив, ќе се засилиме“, уверени се во ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски не правел исто како братучедот

Претседателот Мицкоски, како што велат, имал силна поддршка меѓу членството и во извршниот и во централниот комитет што било проверено и во понеделникот. Тој самиот рекол дека е подготвен за вонреден конгрес доколку има расположение меѓу делегатите, по што ја напуштил салата за да ги остави да гласаат. Добил едногласна поддршка. Сепак, неговите опоненти објаснуваат оти во ИК и во ЦК седат луѓе што ги назначиле Мицкоски и неговиот ментор Груевски, поради што не било за очекување тие да му се спротивстават. Но, во наредниот период може да дојде и до барања за негова смена. Кога сме кај Груевски, во партијата утврдиле дека тој нема врска со притисоците и со заканите кон опозициските пратеници, па останува почесен претседател. Со тоа, на сила добиваат шпекулациите за кавга меѓу Мијалков и Груевски.

На прашањето како мисли ВМРО-ДПМНЕ да прави влада во некое блиско време, имајќи предводи оти е на воена нога со албанските политички партии, но и со Вашингтон и со Брисел, во „белиот дворец“ укажуваат дека ќе ги интензивираат контактите со меѓународната заедница и со чиста и горда глава ќе одат напред.

„Нема зошто партнерите од странство да ни се лути. Процесот ќе биде завршен на овој или на оној начин, а по смената на власта во земјава, на нив секако ќе им треба некој со кој ќе соработуваат. Истото важи и за албанскиот блок, тие ќе коалицираат со тој што ќе победи во македонскиот блок“, убедени се во ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски вчера порача дека од секој предизвик и искушение, ВМРО-ДПМНЕ излегувало посилно, похрабро и поодлучно.

„И секогаш новиот почеток значел нова надеж, нова искра“, нагласи лидерот на опозицијата.

Горан Адамовски