Министерствата имаат проблем да утврдат колку вработени им се потребни

Речиси сите министерства имаат 37 проценти разлика меѓу бројот на предвидени работни места во самите министерства и бројот на пополнети работни места, се наведува во документот за јавни политики „Јавен сектор скроен по мерка: Дискусија за големината на јавниот сектор во Македонија“.

Авторите на документот Марија Мирчевска и Сања Божовиќ од „Фондацијата отворено општество – Македонија“, наведуваат дека ова е спротивно со член 17 став 5 од Закон за вработени во јавниот сектор, што предвидува дека ова отстапување смее да изнесува максимум десет отсто.

Овој податок е со исклучок на Министерството за внатрешни работи, што ја третира оваа информација за класифицирана.

– Овие големи разлики ни укажуваат дека министерствата можеби имаат проблем објективно да утврдат кој е потребниот број на вработени кои им се потребни во самите институции, со цел да можат ефикасно да и исполнуваат своите обврски, вели Мирчевска.

Додава дека дел од министерствата не ги исполниле законските обврски од 2015 за усвојување акти за внатрешна реорганизација и систематизација на министерствата.

Божовиќ, пак, вели дека еден од проблемите што се јавува во специфични сектори во јавната администрација е тоа колку има административни службеници и други категории вработени во јавниот сектор наспроти даватели на услуги кои се многу битни на граѓаните, како на пример лекари и наставници.

– Најголема разлика се прави во секторот здравство каде што има околу 19.000 вработени, а каде даватели на јавни услуги се 1.434 што всушност само го потенцира проблемот на здравствени работници наспроти администрацијата во овој сектор, вели таа.

Додаде дека ги разгледувале и другите два големи сектори како образование и труд и социјална политика и заштита на деца, каде што исто таму речиси половина од вработените во овие сектори се даватели на јавни услуги, наспроти половина во јавна администрација која ги опслужува во овие сектори.

Според неа, за подобрување на ефикасноста на администрацијата треба да се воведат континуирани тестирања во јавниот сектор, што ќе ги лоцираат вистинските работни вештини кои ги има секој вработен во администацијата и притоа да се распореди на работно место на кое може да одговори најдобро на своите вештини, а треба да се размислува и за мобилност меѓу приватниот и јавниот сектор.

Истражувањето покажало и дека 73,3 проценти од граѓаните сметаат дека јавната администрација е превработена, додека 63,1 отсто сметаат дека Македонија има поголема јавна администрација во споредба со западноевропските држави.

Документот ги истражува факторите кои влијаат врз големината на јавниот сектор и индикаторите кои може да бидат корисни при утврдување на оптималната големина и опфат на јавниот сектор, врз чија основа треба да се носат политики за зголемување на неговата ефикасност и ефективност.

Документот има за цел критички да ги разгледа различните извори на информации кои говорат за големината и да помогне подобро истите да се контекстуализираат, меѓу кои и Регистарот на вработени во јавниот сектор, статистиката на Државниот завод за статистика и Евростат. Документот го разгледува ефектот на правната рамка врз големината на јавниот сектор, вклучително и планирањето на вработувањата, режимот на привремени вработувања и статусот и надлежностите на институциите.

Наодите и заклучоците се утврдени врз основа на спроведени интервјуа со вработени во јавниот сектор, упатени барања за пристап до информации од јавен карактер и анализа на достапна литература.

Авторите на документот се дел од проектниот тим на Граѓанска алијанса за транспарентност-Набљудување на процесот на реформа на јавната администрација од страна на граѓанските организации.