Македонија пред клучна година, планот 3-6-9 стагнира

Македонија се наоѓа пред клучна година, кога се во прашање евроатлантските интеграции. Година во која, како што најави премиерот Зоран Заев, но и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, ќе треба да се решат битни и крупни прашања, меѓу кои е прашањето за името, како и реализирање на реформите што официјален Брисел ги побара од Македонија. Амбициозниот владин план 3-6-9 ги содржи временските рамки за решенијата за овие реформи. За дел од реформите потребно е обично мнозинство од 61 глас, додека пак за битни реформи, какви што се тие во судството, потребно е за нив да гласа и опозицијата.

Во разговор за „Независен весник“ портпаролот на „Алијансата за Албанците“, Флакрон Беџети, излезе со низа критики за владиниот план 3-6-9. Беџети изрази загриженост дека планот веќе ги надмина временските рамки и упати апел до Владата реформите да бидат квалитетни, а не формални.

„Сметаме дека владиниот план за реформи 3-6-9 стагнира и не се совпаѓа со дадените временските рамки. Советот на судии и понатаму е политизиран и не е реформиран на начин на кој се бара во планот 3-6-9. Недостатокот на политички дијалог во парламентот меѓу позицијата и опозицијата, како и на парламентарните комисии, ја оневозможуваат соработката за реформите во полето на разузнавачките, контраразузнавачките и сигурносните агенции. Кога е во прашање судството, мора да се биде поодлучен во битката против организираниот криминал и корупцијата и во никој случај да не се штедат политичките актери, кои биле дел од минатата и се дел од сегашната власт. Се надеваме дека овие одлагања ќе бидат компензирани, но треба да се биде внимателен во квалитетот на реформите, кој треба да биде суштински, а не формален, само за да се постигнат временските рамки и очекувања. Поделбата на партијата од државата, посебно околу реформите во Државната администрација претставува следен предизвик, и актуелната влада треба да ја ослободи јавната администрација од партиското и политичко влијание и истата да ја професионализира и да биде во служба на граѓаните“, изјави Флакрон Беџети.

Во временската рамка на владиниот план 3-6-9, за овој месец планирано е изгласување на десетици закони, но нивното гласање во законодавниот дом е под знак прашалник бидејќи пратениците ги споија новогодишните со божиќните празници и се очекува на работа да се вратат дури на 15 јануари. За овој месец Владата преку овој план очекува од парламентот да изгласа Закон за изменување и дополнување на Законот за судовите, Закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет, изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачи, потоа изменување и дополнување на Законот за административни службеници и други. Истиот месец треба да се направи и нацрт-план за реформи на изборниот систем.

Дека реализацијата на планот 3-6-9 доцни и не оди според пропишаните рокови и планираното темпо, говори и политичкиот аналитичар Џелал Незири. Според него, Владата треба да ги изгласа реформите за кои ги има потребните 61 глас во парламентот, но од друга страна, поради моменталната состојба на силите меѓу политичките партии, не очекуваат пожестоки критики од Брисел во наредниот извештај.

„Мислам дека е многу важно за државата сите политички партии да постигнат консензус за да ги поддржат реформите што ѝ се потребни за Македонија да го фати последниот воз што води кон Европската Унија и НАТО. Да ги поддржат реформите што бараат обично мнозинство, но и реформите за кои е потребно да гласаат две третини од пратениците. Има еден добар дел, или поточно една третина од нив што бараат најмалку 80 гласа, и ова повикува на консензус меѓу политичките чинители. Но од голема важност е Владата да ги спроведе реформите за кои ги има потребните бројки и оваа задача успешно да ја заврши според препораките на Брисел. Од друга страна, мислам дека и поставените временски рамки не треба да бидат извор на проблеми и извор на пречки, но треба да бидат сфатени како поттик за посветеност на реформите. Во овој контекст, ако Владата не успее да ги имплементира сите реформи што се опфатени во амбициозниот владин план, мислам дека и Брисел ќе има разбирање бидејќи политичката ситуација во Македонија е таква, а односите меѓу политичките сили, меѓу позицијата и опозицијата, се до таа мера зовриени што може да се случи да не бидат поддржани сите реформи“, објасни Незири.

Според Незири, можно е реформите во судскиот систем, поради моменталната политичка клима во Македонија, да пропаднат, но како што појасни Незири, токму реформите во судството се од суштинско значење за државата, и за секој неуспех и пропадната реформа Владата на Зоран Заев ќе треба да сноси одговорност.

„Оваа Влада со овие партии докажаа дека има обично парламентарно мнозинство, значи 61 глас и со нив можат да изгласаат две третини од реформите што ги бара Брисел. Но реформите во судството бараат две третини од гласовите и овој дел од владиниот план 3-6-9 можно е да пропадне, што значи една суштинска реформа за државата и најбитен дел од реформите поради отсуство на политичка волја од страна на сите политички партии да пропадне. Целата одговорност за ова ќе падне врз Владата, без разлика дали опозицијата ќе прифати или не да присуствува кога ќе треба да се гласаат овие закони и оваа Влада треба да преземе одговорност за сите евентуални неуспеси што би се појавиле. Но јас не очекувам дека Брисел поради тие неуспеси ќе ја казни Македонија. Во меѓувреме, временските рамки ќе се гледаат како поттик за реализирање на реформите, а не како извор на нови проблеми за Македонија да оди напред кон ЕУ и НАТО. Покрај реформите во судството, исто така од голема важност претставува и прашањето за името. Без консензус со Грција и без решение на ова прашање, не можеме да чекориме напред“, рече Незири.

При последната посета, еврокомесарот Јоханес Хан во Скопје изјави дека од Македонија до крајот на 2017 година очекува видливи резултати во полето на реформите, посебно во безбедносниот систем и јавната администрација.
Одолговлекувањето или одложувањето на реализирање на бараните реформи можно е негативно да се рефлектира во наредниот извештај на ЕК во април.

Блерим Исмаили