Костадиновски и Кадриу, сепак, избрани за уставни судии

Дарко Костадиновски и Осман Кадриу се новите членови на Уставен суд. Нивниот избор го одобри попладнево Собранието на Македонија и тие доаѓаат на местата на Наташа Габер Дамјановска и Гзиме Старова, на кои деветгодишниот мандат им заврши во октомври минатата година.

Костадиновски и Кадриу влегуваат во Уставен суд како предлози на претседателот Ѓорге Иванов. Иако СДСМ имаше забелешки за предлозите на претседателот, оценувајќи ги првично како „непринципиелни“, сдсмовските пратеници, сепак, гласаа денеска за избор на новите членови на Уставен суд.
Според информациите, забелешката на СДСМ, главно, се однесувала на Костадиновски, кој досега му беше советник на Иванов во претседателскиот кабинет, за потоа да биде предложен за судија, иако нема практично искуство во судската власт.

Костадиновски е доктор на правни науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје од областа на меѓународното право. Досега тој беше државен советник за надворешна политика во претседателскиот кабинетот, каде што е ангажиран уште од 2001 година, во времето на Борис Трајковски.
Кадриу е универзитетски професор во областа на облигационото право. Тој има стаж и во адвокатурата и судството, како судија во Општинскиот суд во Кичево и поранешен член на Републичкиот судски совет.

Уставниот суд, последните неколку месеци, функционираше со шест од вкупно девет членови. По изборот на Костадиновски и на Кадриу, останува празно уште едно место, што треба да биде пополнето на предлог на собраниската Комисија за избори и именувања, чиј претседател е Илија Димовски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која, пак, го бојкотира парламентот.