Кога не ти се допаѓа понудувачот, поништи го тендерот
На тендерите што ги распишува локалната власт се јавуваат во просек под три понудувачи, но се зголемува процентот на тендери со една или со ниту една понуда. Има тендери што се поништуваат по неколку пати и успеваат само откако ќе се исправи проценетата вредност. Дури 20 отсто од постапките биле поништени, а половина од нив поради тоа што не се јавил ниту еден понудувач. Електронско наддавање имало само во 58 проценти од тендерите, покажал мониторингот на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), спроведен од април до септември лани.
Процентот на поништени локални тендери е неспоредливо висок споредено со други земји. Иако ова е долгогодишен проблем, досега не е изработена посериозна анализа од надлежните институции за да се лоцираат причините за поништувањата и да се откријат евентуалните злоупотреби кои стојат зад нив.
„На договорните органи им е оставен преширок простор да посегнуваат по поништување на тендерите секогаш кога нешто нема да излезе онака како што планирале или посакувале. Анализа на проблемот е потребна за да може да се донесат соодветни мерки, освен ако намерно не се остава комоција за договорните органи, која има далекосежни негативни последици“, посочува ЦГК.
Кај тендерите со еден понудувач почетната цена не се намалува, каде што има двајца ретко има вистински натпревар. ЦКГ укажува на потребата од истражување на однесувањето на фирмите во јавните набавки, посебно во делот на незаконското договарање.
„Влезот на конкуренција во една од областите во која со години доминираше една фирма овозможи намалување на цените. Но, не за долго, бидејќи фирмата доби забрана за учество на тендерите од една година“, наведуваат пример на конкуренција и справувањето со неа на засегната фирма.
Едно јавно претпријатие (ЈП) побарало на тендер пералница за двокатни автобуси и сервисирање на постоечката пералница. Услов во тендерот бил „понудувачот да има минимум еден реализиран договор за испорака, монтажа, пуштање во работа и обука за работа на автоматски пералници за автобуси. Друг услов бил понудувачот да поседува ИСО или МКЦ ЕН ИСО сертификат. Иако тогаш постоечкиот Совет за јавни набавки му укажал на ЈП дека сертификатите за стандард немаат врска со предметот на набавката, тендерот бил пуштен. И како што е лесно да се погоди, имало само еден понудувач, истата фирма што претходно склучила договор со ова ЈП за набавка на претходната пералница. Договорот, по едно повторување на целата постапка, бил склучен со таа фирма. А при набавката на првата пералница од истата фирма, немало услов понудувачите да имаат претходно реализиран ист ваков договор!
Дури во 42 отсто од мониторираните тендери немало електронска аукција. Во тие каде што имало, во повеќе од 90 отсто од случаите цените се намалиле. Кај набавките како градежни работи, проектирање, намалувањето оди до разуми граници додека кај набавките со помалку понудувачи цените паѓаат дури и десеткратно, по што договорните органи бараат оправдување од понудувачот како можел да даде толку ниска цена. (А.С.)