Кирацовски до пратениците: Приклучете се, историјата ќе не вреднува сите

Генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски денеска ги повика сите пратеници од Собраните на Република Македонија, особено оние кои не гласаа во првата фаза од уставните измени, активно да се вклучат во процесот за креирање на нацрт-амндманите, како што рече, со единствена цел, заедно да се дојде до национално прифатливо решение, што ќе биде во национален интерес за Република Македонија и нејзините граѓани.

-Уште еднаш сакам да ја поздравиме историската одлука на Собранието на Република Македонија со што беше испочитувана мнозинската волја на граѓаните за иднина во НАТО и Европската Унија и да ги повикаме сите пратеници да се приклучат кон тој процес , нагласи Кирацовски, посочувајќи дека гласот на 80-те пратеници за отпочнување на уставните измени е глас за исполнување на децениските стратешки интереси и глас против поделбите, изолацијата и неизвесноста.

Истакна дека сега Република Македонија е уште поблиску во процесот кон НАТО и ЕУ.

-Создадени се услови за уште поголема поддршка во Собранието на патот кон унитарна Македонија, а тоа е спроведување на реформите и членство во НАТО и ЕУ. Почитувани колеги пратенци ајде заедно да ги поддржиме процесите за целосна имплементација на договорот од Преспа и заеднички да дадеме поддршка на сите неопходни реформи, да дадеме поддршка на обединувањето и помирувањето, повика Кирацовски.

-Наведе дека антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, по сопствен избор реши да остане изолирано, но, како што истакна, пратениците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ имаат шанса да ги надминат поразените политики на Мицкоски и ВМРО- ДПМНЕ и да дадат шанса на процесите.

Македонија се помирува, овие историски моменти повикуваат на надпартиско обединување за иднината на сите нас, потенцираше тој.

На новинарско прашање дали постои иницијатива за национално помирување, Карацовски наведе дека се уште нема, посочувајќи дека меѓу другото оваа прес-конференција е тој јавен повик што се испраќа, на почетокот на оваа работна седмица, се со цел пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, особено оние кои не гласаа во петокот да се одважат, да се охрабрат, и да се приклучат кон иницијативата за национално помирување и обединување, што е значајна буквално за сите граѓани на Македонија.

-Ние секојдневно ќе ги повикуваме сите пратеници кои „де факто“ работат во Собранието да се приклучат и заедно да учествуваме во процесот за национално обединување, јас сум повеќе од убеден дека од ден на ден поддршката за ваквото национално помирување и поддршката за евентуалната собраниска комисија ќе расте и пратениците, особено од ВМРО-ДПМНЕ, особено оние кои што не гласаа во петокот, ќе се осхрабруваат, ќе се одважуваат и еден по еден ќе се приклучуваат, одговори Кирацовски, на новинарското прашање околу тоа дали ќе биде формирано собраниско тело за помирување.

На прашањето дали помирувањето ќе се однесува само на 27 април или ќе биде и пошироко, тој наведе дека тоа треба да произлезе од дебатата на собраниската комисија која ќе биде сочинета од сите нас.

На прашањето кога очекувате нацрт-амандманите да пристигнат, тој посочи оти очекува до петок неделава нацрт-амандманите да бидат во Собранието.