Капиталот стекнат за ВМРО-ДПМНЕ по референдумот потрошен со едно гласање

Капиталот стекнат по референдумот – се стопи преку ноќ. Вака во ВМРО-ДПМНЕ се толкува петочното гласање во Собранието со кое е крената рампата за договорот со Грција околу името. Експресното исклучување од партијата на седумтемина пратеници кои ѝ забија нож во грб на партијата е само обид да се поправи штетата, но вистинските предизвици во „белиот дворец“ допрва претстојат. Одложувањето на најавените предвремени избори ќе им даде време да ги консолидираат внатрешните редови, ама претседателот Христијан Мицкоски ќе треба да се соочи со низа незгодни прашања од типот каде оди бродот на ВМРО-ДПМНЕ и има ли кормилар, особено ако се знае дека „даската му ја подмачкуваат“ луѓе што до вчера беа апсолутна власт во земјата, а и денеска се сива еминенција во партијата.

Проценките се дека договорот од Преспа сигурно ќе помине и во втората и во третата фаза, при што се очекува зголемување на бројот на пратеници што ќе гласаат „за“. Во партијата велат дека меѓу „предавниците“ имало пратеници за кои биле убедени дека нема да гласаат, а од друга страна, верни останале оние за кои се шпекулираше дека ќе преминат на спротивната страна. Најголемо разочарување им приредила поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска, која десетина година беше на истурени позиции. Тие што редовно ги следат случувањата во парламентот, знаат дека пред и за време на сесиите таа најмногу се дружи со Никола Груевски. Освен тоа, на координативните состаноци во партијата, пред петочното гласање, тврдела оти нема да дигне рака за уставните промени. Сепак, нејзината претходничка на местото министер за култура, Ганка Самоиловска-Цветанова, со денови ја прозиваше да каже дали и како ќе гласа насетувајќи пресврт во нејзините ставови.

СЈО им стои на вратот

Канческа-Милевска има сериозна работа со Специјалното јавно обвинителство, имајќи предвид дека е обвинета во случајот „Тендери“, кој произлезе од прислушуваните разговори, па во ВМРО-ДПМНЕ тука ја гледаат причината што ексминистерката им сврти грб. Впрочем, поголем дел од пратениците на опозицијата што гласаа за уставните измени имаат (ин)директна закана од СЈО. Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов пред неколку дена излегоа од куќен притвор. Меѓу првообвинетите се за случувањата од 27 април, на снимките се гледа како ги отвораат вратите од Собранието за насилниците да можат да влезат и да почнат со зулумот. Нивното ослободување се совпадна со апелот на премиерот Зоран Заев за амнестија и за помирување меѓу политичките партии. Владанка Авировиќ од коалициската Социјалистичка партија е мајка на Василије Авировиќ, кој неодамна беше осуден на три години затвор во случајот „Труст“, каде што првообвинет е Сеад Кочан. Зекир Рамчиловиќ од здружението „Аваз“, кој исто така е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, му е близок пријател на Кочан и редовно одеше на протестите за негова поддршка.

Беровчанката Емилија Александрова не ѝ се лути на матичната партија што ја исклучила и најави дека осумтемина пратеници од опозицијата што гласаа „за“ ќе оформат посебна пратеничка група. Признава дека одлуката била тешка, но дека ова е единствениот прав пат по кој треба да се движи Македонија. Тврди дека тоа што гласале во петокот не значи оти ќе гласаат и при втората и по третата фаза. Ќе зависи од тоа дали власта ќе ги прифати нивните услови.

Јанчев пак не дојде на Извршен

А, условите се четири. Прифаќање на амандман на Уставот со кој ќе се гарантира македонскиот идентитет, прифаќање на одредба на Уставот со која ќе се гарантира дека доколку Грција не го ратификува договорот и повторно ги попречува евроатлантските интеграции на Македонија ќе има безусловно поништување на сите прифатени уставни амандмани, постепена промена на името за внатрешна употреба и прифаќање на иницијативата на претседателот на владата за простување во врска со настаните на 27 април 2017 година.

Пред да ги соопштат условите, пратениците добија отказ во матичната партија. Веднаш по гласањето итно беше свикана седница на извршниот комитет, при што едногласно беа исклучени од партијата. Според нашите информации, на седницата присуствувале и дел од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои не се во ИК, на чело со координаторот Драган Данев. Но повторно отсуствувал потпретседателот Митко Јанчев, кој се оправдал со роденден на синот. Тој неколкупати се изјасни дека не му се допаѓа политичката што ја води Мицкоски околу референдумското изјаснување признавајќи оти излегол и гласал против.

Оние седум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои постапија спротивно на партискиот став и волјата на граѓаните, кој беше, пак, партиски став едногласно донесен и на извршниот и на централниот комитет и во координација со пратеничката група – ме разочараа мене, но тоа и не е толку важно затоа што пред сè ја разочараа партијата и татковината и ќе треба да живеат со тоа. На некои од нив можеби им било ветувано ослободување од обвиненијата, а биле понудени и пари, но како човек не можам да ги оправдам ниту, пак, да ја разберам нивната постапка“, рече Мицкоски.

Сепак, познавачите на состојбите во партијата коментираат дека не постојат или многу мали се шансите да дојде до отворање прашање за негова одговорност. Мицкоски во моментов ужива поддршка меѓу членството, но факт е дека петочните настани и тоа како влијае врз расположението на членството во партијата, кое беше убедено дека ќе победат на изборите што требаше да се одржат за месец и половина и ќе се вратат на власт.

Македонија низ историјата поминувала низ премрежиња, но секогаш излегувала само како победник. Во петокот бевме сведоци на кршењето на европските вредности, на притисоци, уцени, па дури и сомневања за корумпирање со цел да се спроведе штетниот и капитулантски договор на Заев со кој се сруши интегритетот, суверенитетот и идентитетот на Република Македонија. Тој ден ќе остане запомнат како црн петок. Најцрн и најсрамен ден, во кој ордите на Заев го претворија демократскиот храм во пазар со името на државата. Секој од нас живее со сопствените одлуки и за тоа сноси одговорност пред сопствениот народ. Така и пратениците што гласаа ќе треба да се соочат со својот народ, со своите роднини, пријатели сограѓани, порано или подоцна. Тогаш ќе каже народот што мисли за нивниот глас и за непринципиелните ставови“, потенцираат во ВМРО-ДПМНЕ.

Но Костадин Богданов, кој е дел од извршниот комитет и е припадник на реформаторското крило, смета дека одлуката за исклучување е одлука на едно поранешно време, во кое имаше недостаток од внатрепартиски демократски капацитет и толеранција кон различниот став.

Оваа одлика можеби е својствена за крајно десничарските националистички партии со автократски елементи, но истата не е карактерна црта на модерните народни партии кон кои ВМРО ДПМНЕ се стреми. Дополнително, не можам, а да не изразам загриженост и разочарување за начинот на кој довчерашните сопартијци беа жигосани во и надвор од Собранието, и тоа од единствена причина што решиле да гласаат по сопствено убедување за едно натпартиско прашање со историски димензии. Сметам дека најмалку што може и треба партијата да направи во овој момент за нив е јавно да се огради и да го осуди целиот говор на омраза кој се шири по социјалните мрежи, а е насочен директно кон нив и кон нивните семејства. На тој начин партијата ќе покаже елементарно чувство кон сериозноста на состојбата во која пратениците беа театрално доведени“, вели Богданов.

Исклучените пратеници сега се под полициска заштита поради сомневања дека се можни напади врз нив и врз нивните блиски. Партиските ограноци во нивните места бараат да го вратат мандатот во парламентот.

Нола Исмајлоска: Никој не ми вршеше притисок

Во партијата се изненадени што и стружанката Нола Исмајлоска-Старова гласаше „за“ бидејќи ја сметаа за надежен кадар и човек од доверба. Во изјава за „Независен весник“, таа тврди дека врз неа не бил вршен никаков притисок и оти гласала по сопствено убедување.

Категорично ги отфрлам сите тврдења за какви било притисоци. Гласав по сопствено уверување дека треба да се даде шанса на процесот, кој ќе ја приближи Македонија кон НАТО и ЕУ, што впрочем е став на секоја политичка структура во Македонија во изминатите триесетина година“, вели Исмајловска-Старова.

Горан Адамовски