Кавадарци и Едеса прават напори да го отворат граничниот премин Пулевац

Кавадарци и Едеса прават напори во рамки на прекуграничната соработка помеѓу Македонија и Грција, да го отворат граничниот премин Пулевац на Кожуф Планина. Оваа информација денеска  за МИА ја потврди Ристо Сакалиев, претседател на кавадаречкиот општински Сове

-Деновиве бев дел од кавадаречките претставници кои заедно со гости од Грција, беа на лице место и ја согледаа состојбата на терен. Со мене беа вработени во општинскиот сектор за локален економски развој и претставници од граничната полиција. Имавме и хеликоптерска придружба, појасни Сакалиев.

Резултатите од она што е регистрирано на терен, од двете страни на границата, со осврт на тоа што е потребно да направат двете држави  во иднина, ќе бидат доставени до надлежните органи на национални ниво во двете земји.

-Целта ни е преку проект финансиран со европски пари, да го отвориме овој премин кој е дамнешна желба на жителите од Тиквешијата. Заради поголема комуникација и соработка меѓу населението од двете земји, како и поголема размена на туристи, нагласи претседателот на Советот.

Тиквешани одамна бараат да добијат граничен премин.

– Ние сме на само неколку километри од грчката граница. Со едната нога сме во ЕУ, коментираат жители од поткожувското село Мајден, во кое е и светски познатиот рудник Алшар, како и тиквешани кои потекнуваат од таму и одат за викенди и празници.

Со отворање на граничен премин, патната разделеност  меѓу Кавадарци и Едеса би се свела на стотина, од сегашните 200 километри, кои сега се патуваат преку Гевгелија и Битола.