Интервју со Оливер Ристовски: СЈО ќе добие траен мандат за гонење функционери

Кои се клучните новини во законите што се однесуваат на судската власт, а кои ги донесовте оваа седмица во консензус со опозицијата?
– Се донесе вториот пакет измени во Законот за Судски совет и првиот пакет измени во Законот за судови. Тие две регулативи се поврзани, а главните измени се однесуваат на дисциплинската одговорност на судиите и на нивното оценување. Во делот на оценувањето му се дава предност на квалитативниот пред квантитативниот критериум – во сооднос 60 спрема 40. Во однос на бодовите што ги добиваат судиите, 60 отсто се за квалитетот на одлуките – дали се тие преиначени, укинати… потоа според тежина на предметите. Истото важи и за претседателите на судови, во однос на контролата на нивната работа и како го користат системот АКМИС.
Следниот пакет измени во делот на Судскиот совет го планираме за јули, за да видиме дали Венециската комисија ќе има забелешки за овие измени за да ги вклучиме во новата регулатива. За тогаш е планирана голема реформа на Судскиот совет, односно негова депрофесионализација.

Сега следува процес на имплементација на законските измени. Дали е можна реална, а не само нормативна реформа на судската власт со истите кадри во неа, од кои дел придонесоа судството да добие епитет „сваровски“?
– Овој пакет промени може да се спроведе и со овој кадровски состав во Судскиот совет. Тука станува збор за законски обврски што мора да се применат при секој нов избор на судија. Оценувањето на судиите ќе биде на две години, а мандатот на претседателот на Судскиот совет е скратен од три на две години.
Што ќе се постигне со депрофесионализација на Судскиот совет?
– Ќе се постигне, условно кажано, да се спуштат на земја членовите на Судскиот совет. Тие сега, според Уставот, имаат можност од шест плус шест години мандат. Да не судите 12 години, значи да изгубите перцепција за реалноста во судството. Затоа сега членовите на Судски совет и ќе судат, а ова ќе им биде дополнителна обврска, со тоа што нормата на предмети на месечно ниво ќе им биде помала од другите судии.
Во која насока ќе се одвива претстојната реформа на јавното обвинителство?
– Тие измени се во нацрт-верзија и се подготвуваат во соработка со странски експерти под покровителство на американската амбасада. Главна новина е вклучувањето на специјалното обвинителство. Другите измени се во делот на подобрувањето на функционирањето на јавното обвинителство, а ќе има измени и во Законот за Советот на обвинители, во Законот за кривична постапка и во Кривичниот законик.
Кога може да се очекува СЈО да влезе во состав на редовното обвинителство?
– Тие законски измени би требало да ги завршиме во целост до крајот на 2018 година.
Дали тоа значи дека СЈО ќе добие траен мандат и други надлежности, за разлика од сега кога мандатот е ограничен и временски и на случаи што произлегуваат од аферата со прислушувањето?
– Да. СЈО ќе продолжи со истраги што произлегуваат од прислушуваните разговори бидејќи гледаме дека има уште материјал за гонење, но ќе работи и на случаи на корупција на високо ниво, односно корупција на функционери.
Значи, сега нема да се оди на продолжување на рокот за СЈО да може да покренува обвиненија?
– Не, илузорно е да се продолжува рок што престанал пред долг временски период.

Во која насока ќе се прават измените во изборната регулатива?
– Измените што ќе се направат сега ќе бидат од технички и од времен карактер. Ќе се врати стариот концепт на ДИК со четворица претставници на мнозинството и тројца од опозицијата, од каде што ќе биде избран и претседател. Тие ќе имаат времен мандат, додека не се донесат и спроведат потемелните промени во Изборниот законик. За тие измени ќе оствариме соработка со експерти од ОБСЕ-ОДИХР и со домашни невладини организации што се занимаваат со избори. Во работната група ќе има претставници на партиите и на сите институции што имаат допирни точки со изборите. Прво треба да се види колку изборни единици ќе има на парламентарни избори, треба да се усогласи и бројката на гласачи по изборни региони бидејќи тука повторно се јавува несразмерност, потоа треба да се договори какви ќе бидат изборните листи, односно дали ќе се оди на отворени листи, на преференцијално гласање… Уште не сме почнале. Се планира да почнеме кон средината на мај, да ги слушнеме експертските предлози и да видиме за кои опции ќе се одлучиме политички.

Ќе се менува и системот на финансирање на партиите?
– Тука треба да се интервенира паралелно во Законот за финансирање на политички партии. Сѐ уште не е дефинирано како ќе оди реформата во овој дел. Намерата е да се сведе на минимум можноста за финансирање од нелегални извори.
Ќе стигнете ли да ги направите измените шест месеци пред претседателските избори во 2019 година?
– Ние планираме до крајот на септември да биде објавен огласот за избор на нови членови на ДИК. Сѐ да биде завршено во текот на летото.

Дали се презема нешто за подобрување на состојбата во затворите? Во тој дел имаше многу забелешки во последниот извештај на Стејт департментот.
– Таму се преземаат најмногу мерки. Бројот на затвореници во „Идризово“ е спуштен на оптимални нешто повеќе од илјада затвореници од скоро две илјади. До крајот на месецот треба да се пуштат во употреба и двете нови згради, каде што ќе бидат префрлени 540 затвореници. Ќе се реновираат затворите во Битола, Прилеп, Штип. Во затворот „Скопје“ веќе се работи. Притворот во затворот во Битола го затворивме бидејќи имаше нехумани услови. Има многу проекти што се во завршна фаза и сега може не се гледаат однадвор, ама во скоро време ќе се ефектуираат. Исто така, ќе почне и пробацијата.
Кога ќе почне да се применува пробацијата, односно можноста за отслужување затворска казна во домашни услови?
– Да, во домашни услови со алки на нозете. Тоа е веќе почнато со отворање канцеларии во судовите, а сега сме во фаза на набавка на опремата, за што треба да се објави тендер. Опремата е многу скапа и мора да се одреди кој ќе ја одржува. Потоа ќе има обука на пробациските службеници и до крај на годината се планирани ппедесетина вработувања за таа цел.

Александра М. Митевска