Сотир Лукровски уште се бара. Нема ни трага ни глас од него
Случајот со боледувањето на градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровески се претвора во пародија. Нему му е истечено боледувањето, премиерот Христијан Мицкоски вели дека морал да мирува, општината Карпош е во конфузија, а карпошани се прашуваат зошто гласавме за Лукровски кога тој по само неколку месеци одбива да ја врши функцијата на која беше избран. Лукровски го нема никаде, а ниту пак самиот соопштува што се случува и дали ќе се врати на работа.
Опозициската СДСМ денеска пак го постави прашањето кое ја интригира јавноста: Каде е Сотир Лукровски?
„Официјалното боледување на градоначалникот Сотир Лукровски завршило на 29 мај.
До денес тој не се појавил на своето работно место, ниту пак граѓаните на Општина Карпош добија јасно објаснување за неговото отсуство и за тоа кој и како ја води општината во овој период.
Зошто не доаѓа на работа а прима плата? Зошто не им се обрати на граѓаните на Карпош да им каже за што станува збор?“, изјави Панче Милевски, претседател на ОО на СДСМ во Карпош.
„Не навлегуваме во ничија здравствена состојба, му посакуваме добро здравје на секој човек, но, јавноста има право да знае дали градоначалникот е способен да ја извршува функцијата за која е избран и дали Општина Карпош има активно раководство.
Вистината е едноставна. Општина Карпош е заглавена во институционален хаос, а граѓаните се тие што ја плаќаат цената на лошите кадровски и политички одлуки на Мицкоски и ВМРО. Ќе се извини сега Мицкоски повторно или ќе бега од одговори на прашањата?“, рече тој.
Милевски упати повик до Сотир Лукровски да излезе пред граѓаните и да каже што мисли понатаму да прави. „Ве охрабруваме да постапите одговорно и да поднесете оставка доколку сметате дека не можете да ја извршувате функцијата. Со тоа ќе овозможите што поскоро да се создадат услови за нови избори и граѓаните на Карпош сами да одлучат кој ќе ја води општината во наредниот период“.