Интервју со Бојан Маричиќ: Влезот на Македонија во ЕУ е генерациска задача

Тим од петнаесетина луѓе избрани од институциите, но и надвор од нив, ќе го сочинува тесниот технички преговарачки тим со Европската Унија. Ќе постои и посебна канцеларија за поддршка на работата на главниот технички преговарач која ќе има вработени во Скопје и во Брисел. Задачите се обемни, комплексни и многу одговорни.
Ако продолжиме како што работевме досега и го засилиме темпото, не верувам дека кој било ќе се противи на почнувањето на преговорите во јуни 2019 година, вели Бојан Маричиќ, досегашниот близок соработник на премиерот Зоран Заев, кој од есен ја презема новата функција – преговарач со ЕУ.

Господине Маричиќ, македонската влада ве назначи за технички преговарач со Европската Унија. До пред една година работевте во невладиниот сектор. Мислите ли дека можете да одговорите на оваа огромна задача, бидејќи немате административно искуство?

Зад мене имам кариера од над 10 години во полето на евроинтеграциите во Македонија. Уште во 2007 година работев во Министерството за внатрешни работи на проект чија примарна задача беше усогласување на нашиот правен систем со правото на ЕУ. Тимот во кој работев успешно ги изработи првите кореспондентни табели во МВР. Таа работа ја напуштив во 2008 година по Самитот во Букурешт кога тогашната влада одлучи дека евроинтеграциите повеќе не се приоритет и тргна во погрешен правец. Оттогаш ги следев, истражував и учествував во најважните процеси поврзани со односите меѓу Македонија и ЕУ. Неколку години работев во ЕУ-програмите на Фондацијата „Отворено општество“, а седум години работев и четири години ја водев водечката граѓанска организација за европски прашања – „Евротинк“. Магистрирав на Универзитетот во Амстердам на програмата за меѓународно и европско право, а втората магистратура на Универзитетскиот колеџ во Лондон ми е на програмата за современи европски студии. Во изминатата исклучително интензивна, но и извонредно успешна година имав задача како советник на премиерот за европски прашања да ги координирам на оперативно ниво домашните реформи и релациите со европските институции во Брисел. Исто така, во изминатава година бев координатор за Берлинскиот процес и регионалната соработка. Верувам дека испорачавме конкретни резултати кои ги препознаа и граѓаните и меѓународните пријатели. Мислам дека сето ова е сосема доволно за профил кој треба да ги координира преговорите на техничко ниво и да ја оствари неопходната врска на институциите со политичкото водство, граѓанското општество, бизнис-заедницата, европските институции и државите членки на ЕУ. Се разбира, скринингот и преговорите се тимска работа и бараат многу координација, пред сè со главниот политички преговарач, вицепремиерот Бујар Османи, но и со гломазна структура во Скопје и во Брисел.

Функцијата технички преговарач звучи како техничко објаснување. Но тој не е човек поединец во преговорите. Што мислите, колкав тим ќе ви биде потребен околу вас за да ги водите преговорите?

Целата структура се осмислува овие денови во меѓусебна координација на кабинетот на премиерот, СЕП и МНР. Секретаријатот за европски прашања под водство на главниот политички преговарач ќе ја задржи клучната улога во координирање на институциите за потребите на подготовка на преговорите. Еден тим од петнаесетина луѓе избрани од институциите, но и надвор од нив, ќе го сочинува тесниот технички преговарачки тим. Ќе постои и посебна канцеларија за поддршка на работата на главниот технички преговарач со свои лица во Скопје и во Брисел. Ни претстои силна мобилизација од сите институции кои ќе треба да дадат максимум за да ја вклучиме институционалната машина на 35 работни групи за сите поглавја од преговорите. Целата структура ќе има повеќе стотици луѓе од институциите и многу домашни и странски експерти кои ќе бидат ангажирани по потреба.

Дали веќе се подготвувате за функцијата што ќе ја извршувате. Некни ве забележавме на средбата на премиерот Заев и министерот Рот. Дали тоа значи дека уште не сте стапиле вистински на новата должност?

Речиси секој работен ден го започнувам на координација со СЕП и МНР, работејќи на подготовките за почеток на скринингот и преговорите. Таквите консултации ќе ги вклучат и другите министерства и институции во наредниот период сè до септември 2018 година кога ефективно ќе започне скринингот. Комуникацијата на преговарачкиот тим со европските институции ќе биде од суштинско значење, но ќе подразбира и интензивна комуникација со државите членки, кои имаат пресудно значење во донесувањето на одлуките за напредување на државите кандидатки во процесот на пристапување кон ЕУ. Министерот Рот претставува една од најмоќните држави членки на ЕУ – Германија, која е силно заинтересирана за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ. Јас и во иднина планирам да бидам присутен на средбите на премиерот со високи делегации на државите членки на ЕУ, зашто на тие средби непосредно се дискутираат прашањата за евроинтеграциите на политичко, но и на оперативно ниво.

Што конкретно ќе работите, какви ќе бидат вашите задачи? Дали ја знаете големината и широчината на сите ваши обврски?

Задачите се обемни, комплексни и многу одговорни. Главната работа во текот на преговорите ќе ја имаат оние 35 работни групи по поглавја каде што ќе се чита и ќе се коментира сетот документи кои ги опфаќаат правилата на ЕУ. Нивната работа ќе се филтрира низ Секретаријатот за европски прашања и постојните комитети и тела за координација. Резултатот од оваа работа ќе заврши на масата на техничката преговарачка група која ја предводам јас. Таму ќе се подготвуваат ставовите и позициите на нашата државна делегација за преговорите со Брисел и со државите членки. Во тесна координација и под водство на главниот политички преговарач ќе ги предлагаме преговарачките позиции за сите теми пред Владата дома, но и пред партнерите во Брисел и главните градови на државите членки на ЕУ. Овој процес што го опишав накратко е комплициран, бара многу време и енергија, како и координирање на луѓе, институции, граѓанско општество, бирократи, дипломати, политичари, опозиција и сл. Ќе биде неопходно и редовно да комуницираме со јавноста, да објаснуваме што правиме и зошто е тоа важно. Јавната поддршка при реформите и преговорите ќе биде клучна за тие да бидат одржливи и успешни.

Вообичаено, процесот на скрининг започнува со поглавјата 23 и 24: владеење на правото, судството, корупцијата, слободата и безбедноста. Дали тоа се навистина толку големи проблеми што не може да се совладаат?

Процесот на скрининг, а подоцна и со преговори започнува со поглавјата 23 и 24 (судство и темелни права, односно правда, слобода и безбедност) како резултат на научените лекции на Европската комисија од преговорите со Бугарија, Романија и Хрватска. Овие држави направија сериозни реформи во областите: владеење на правото, судството, корупцијата, но тие реформи во некои држави забележаа назадување и неодржливост. Заради тоа, ЕК воведуваше посебен механизам за владеење на правото кој ги мониторираше Бугарија и Романија и по влезот во ЕУ. За тоа да не се повторува, ЕК реши да воведе нов пристап во преговорите каде што овие две поглавја ќе се отворат најпрво, ќе бидат отворени цело време и ќе се затворат последни за да се осигура постојан напредок без крупни назадувања. Значи, овие големи проблеми се предизвици и за другите држави и не се само специфични кај нас. Сепак, во Македонија овие проблеми ескалираа со „заробената држава“ која постоеше и беше утврдена во извештаите на Прибе и ЕК. Најголем напор се вложува во надминување на овие проблеми и таму државите се секогаш на најголем тест, оти таму се гледа вистинската волја на политичките фактори, но и на институциите за промена кон подобро.

Процесот на скрининг трае околу една година. Што може да очекуваме за тој период? Уште поважно, дали очекувате Македонија да добие зелено светло за почеток на преговорите идната година по сериозните забелешки на Франција и Холандија околу реформите во судството и борбата против корупцијата?

Очекувам во периодот од една година скрининг нашите институции да се мобилизираат и да бидат во постојана и интензивна комуникација со нашите партнери од Европската комисија. На овој начин ќе овозможиме нашите институции и политички фактори добро да ги разберат стандардите на ЕУ и да направат добар план за нивна примена. Тоа ќе биде наш влог што ќе ги направи преговорите со ЕУ ефикасни и продуктивни. Заклучоците на Советот на ЕУ од јуни 2018 година го отвораат патот за преговори со ЕУ во јуни 2019 година, а воедно ги ставаат во фокус реформите во три клучни области кои беа приоритет и досега со планот 3-6-9: судство, јавна администрација и безбедносни служби. Во сите овие области Македонија усвои стратегиски планови и донесе реформирана законска рамка. Следува периодот на имплементација и конкретни резултати во промената на системот во овие три области. Ако продолжиме како што работевме досега и го засилиме темпото, не верувам дека кој било ќе се противи на почнувањето на преговорите во јуни 2019 година. Таа порака важи за сите фактори и институции, вклучувајќи ги носителите на законодавната, судската власт, опозицијата и граѓанското општество во најширока смисла.

Дали сте се консултирале со вашите колеги од Хрватска, Србија и Црна Гора за искуствата што ги имале во преговорите?

Досега имав средби и контакти со доскорешниот преговарач на Црна Гора и со актуелната преговарачка во Србија. Во наредниот период ќе направиме и посети во државите кои преговараат или до скоро преговарале. Од Европската комисија ќе добиеме поддршка во форма на проект за техничка помош, кој ќе ангажира некој од поранешните преговарачи, кој ќе ни помогне да ги поставиме преговарачките структури на здрави нозе. Кон крајот на август оваа година заедно со Европската комисија ќе организираме конференција во Скопје на која ќе поканиме дел од поранешните преговарачи или заменици преговарачи од новите членки на ЕУ. Таа помош и тоа искуство ни се неопходни и ние максимално ќе ги искористиме. Влезот на Македонија во ЕУ е генерациска задача и целото општество треба да се мобилизира на оваа задача бидејќи сите имаат дел од одговорноста. Институциите се главниот мотор на овој процес и тие, заедно со политичкото водство, имаат најголема одговорност за успешен и динамичен процес. Нашата администрација има прекрасни професионалци кои се подготвени да го носат процесот на преговори. За жал, не се многу на број, а дел од таквите професионалци ги напуштија институциите и работат како консултанти, граѓански активисти или во приватниот сектор. Постојните тимови во администрацијата ќе ги зајакнеме со ресурси и знаење, но и ќе ги земеме најдобрите стручњаци од сите области за овој процес да биде успешен и беспрекорен. Секој што е подготвен искрено да помогне за постигнување на генерациската мисија – Македонија во ЕУ – ќе му биде овозможено и ќе се најде соодветен простор за вклучување, но администрацијата е локомотивата која ќе води напред и ќе одржува процесот во добро темпо.

Горан Адамовски