Интервју со Амбасадорот на Холандија, Ваутер Пломп: Нови избори не се решение

Првпат по подолг период Македонија влезе во нова година со оптимизам и големи очекувања. Што може да очекуваме според вас? Што би била вистинската промена за земјата, освен прогресот кон НАТО и ЕУ?

– Се согласувам, постои одреден оптимизам кој доаѓа по неколку години длабока политичка криза. Ова чувство е позитивно во смисла дека на луѓето им дава сила, а може да ги поттикне и политичарите да бидат храбри во изнаоѓањето на неопходните решенија.
Истовремено, очекувањата мора да бидат разумни бидејќи никој не би требало да очекува да се случат чуда преку ноќ. Има сериозни проблеми во Македонија кои не потекнуваат само од изминатите неколку години и кои нема туку така да исчезнат само со носењето нови закони. Некои од проблемите се поврзани со улогата на политичките партии, како и со екстремната политизација на премногу сегменти, а има и такви што се поврзани со секојдневниот живот. Партиската книшка никогаш не треба да биде привилегија или основа за дискриминација. На пример, има многу одлични луѓе со добро образование кои работат во јавната администрација и на кои би можела да им се довери одговорноста да изнајдат технички решенија за технички проблеми, а политичките лидери и министрите би требало повеќе да делегираат. Македонија не може да си дозволи ништо помалку освен најдобри луѓе на соодветни позиции, без разлика на нивната политичка или партиска припадност и без оглед дали станува збор за болници, министерства или училишта.
Вистинската промена за Македонија, пак, не е самиот напредок кон НАТО или ЕУ, туку подобрениот квалитет на живот кој произлегува од ова. Да заклучам – оптимизмот се заснова на можности, но тие треба да се искористат и да се одработат.

Нашиот премиер создава атмосфера за промена на името. Откако останавме десет години надвор од ЕУ и ги изгубивме европските фондови, откако Унијата се соочи со повеќе кризи, од еврозоната, Брегзит, Полска, мигрантите… вреди ли сѐ уште да се направи тоа?

– Мислам дека прашањето е сосема на место, и доколку некои политичари би сакале да следат патека надвор од ЕУ и НАТО, тоа е совршено во ред. Само треба да се изјаснат во врска со тоа и што таквата одлука би значела во смисла на безбедноста, трговијата и општествено-економската перспектива.
За оние што ја гледаат иднината на Македонија во ЕУ и во НАТО, би рекол дека ЕУ секогаш се развивала и приспособувала, никогаш не била статичен проект. Таа еволуира за да се справи со предизвиците и потребите на времето. Холандија со жалење го прифати Брегзит бидејќи е неповолен за интересите на мојата држава колку што е неповолен, според нас, и за целата ЕУ. Сепак, го прифаќаме тој факт, се приспособуваме и продолжуваме понатаму. Внатрешниот пазар донесе економски развој и нови вработувања, а од неодамна се намалија и унифицираа трошоците за роаминг.
ЕУ и нејзините членки, вклучувајќи ја и мојата држава, имаат обезбедено значајна поддршка за Македонија во изминатите години која ќе продолжи и понатаму бидејќи ние и мнозинството македонски граѓани веруваме дека иднината на вашата земја е во ЕУ.

Како гледате на тесното мнозинство на владејачката партија во парламентот и мислите ли дека ќе биде подобро да има нови избори?

– Последните избори во Холандија се одржаа лани на 11 март, а владата се формираше дури во септември, што значи дека процесот на формирање влада кај нас траеше подолго од тој во Македонија, а владата има уште помало мнозинство: 4 партии со само еден глас повеќе во Долниот дом и Сенатот. Тоа значи дека нашата влада повремено треба да прави привремени мнозинства. Ова беше случај и со нашата претходна влада која немаше мнозинство во Сенатот. Секако, Холандија не е Македонија. Но, сепак, основната улога на Собранието е да се дебатира отворено, да се изнаоѓаат конструктивни решенија и на крајот да се добие согласност за најдобриот можен компромис кој ќе им биде во интерес на граѓаните.
Одржувањето избори на една или две години не ѝ дава време ниту на една влада да ја спроведе својата програма, така што, накратко – не, не мислам дека нови избори се решение. Пратениците беа избрани од граѓаните да ги претставуваат нивните интереси и токму тоа треба да го прават. Политичкиот и партискиот интерес не смее да биде ставен над интересот на државата.

Како гледате на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ откако избра нов лидер? Мислите ли дека е реално нивното барање за амнестија за обвинетите околу 27 април како услов да се вратат во парламентот? Може ли партијата да тврди дека оди во друг правец без да ја прифати одговорноста за последните настани и притоа да се жали дека е жртва на политички репресии?

– Одговорноста е од суштинско значење во секоја држава. Во Холандија сме имале многу собраниски анкетни комисии бидејќи луѓето сакаа да знаат што се случило и зошто. Доколку се случиле сериозни кривични дела, сторителите треба да бидат казнети, а политичарите не се исклучок. Никој не е над законот. Тоа значи дека треба да има сериозна истрага за тоа што точно се случи на 27 април, а бланко-амнестија на самиот нејзин почеток би била несериозен чекор.
Истовремено, еден од важните постулати на владеењето на правото е дека притворот треба да биде ограничен на оние осомничени за кои постои ризик од напуштање на државата или попречување на правдата или, пак, можност за повторување на делото за кое се осомничени. Секако дека судиите се тие што треба да решаваат за ова прашање, но притворот треба да се користи само како мерка за превенција, а не и како казна.

Реагиравте на големото загадувањето во Скопје. Исто така упорно се трудите да го промовирате користењето велосипеди место возила. Што мислите, што е неопходно за да се реши овој проблем и чија одговорност е тоа?

– Во Холандија научивме дека оптимизирањето на мобилноста е сложено прашање, кое бара долгорочни решенија. На пример, пред 50 години мислевме дека автомобилите се иднината и сакавме да ослободиме простор за нив. Сфативме на потешкиот начин дека тоа не е соодветното решение и дека велосипедите го користат просторот многу поефикасно, особено во градовите.
Во Скопје ги промовираме велосипедите од 2008 година наваму. Со нив може да се придонесе во решавањето различни проблеми, како што се мобилноста и загадувањето на воздухот. А, покрај тоа, возењето велосипед е нешто со кое секој од нас може да придонесе преку промена на своите навики, малку по малку.
Секако дека користењето велосипеди не може да биде само по себе решение за смогот во Скопје. Имав средба со градоначалникот Петре Шилегов оваа недела на која тој претстави некои од мерките што Град Скопје ги има преземено или планира да ги преземе. Покрај тоа, загадувањето бара национален пристап. Направени се неколку истражувања што би требало да овозможат увид во клучните причини и нивно решавање со стратегиски план дизајниран за следните десет години, но кој вклучува и чекори што можат да се преземат веднаш.

За време на претходната влада бевте под постојан притисок да ја запрете помошта за медиумите во Македонија. Дали е сѐ уште потребно нејзино продолжување и како ја гледате сега ситуацијата во медиумскиот простор?

– Преку нашата програма МАТРА ја поддржуваме евроатлантската интеграција на Македонија и напредокот во неколку области, вклучувајќи ги владеењето на правото, демократизацијата, слободата на изразувањето. Со оваа програма се поддржаа неколку медиумски проекти. Веруваме дека медиумите треба да бидат разнолики бидејќи имаат важна улога да информираат соодветно и да им овозможат на луѓето да оформуваат информирани мислења и одлуки.
Во врска со ситуацијата со медиумите – мислам дека медиумите на глобално ниво се соочени со многу предизвици, како што се дигитализацијата и одржливоста. Ова е уште повидливо во Македонија имајќи ја предвид големината на пазарот. Не постојат одржливи решенија однадвор, така што медиумите и новинарите треба да ги здружат силите и да ги користат телата за саморегулација, како што е Советот за етика во медиумите, како платформа за понатамошна професионализација, зајакнување на нивната независност и обезбедување балансирано и професионално известување.
Слободанка Јовановска
фото: Борис Грданоски