Изграден стационар за кучиња скитници во Штип

Изграден е стационар за кучиња скитници во месноста Новакова чешма, информираше директорот на ЈП „Стипион“-Штип, Сашко Протогеров. Стационарот треба да обезбеди хуман треман, а во него има место за 18 бездомни кучиња.

-Стационарот за кучиња скитници од страна на ЈП „Стипион“ е комплетно завршен. Очекуваме наскоро и да се стави во функција за прибирање на кучињата, вели Протогеров.

Тој забележа дека во него е инсталирана вода, осветлување, а се чека да се избере најповолен понудувач, што ќе ги згрижува бездомните кучиња, вели Протогеров.

Штип ќе биде првиот град во регионот што ќе почне да го решава проблемов со отварање на стационар.

Низ улиците во Штип, но и во останатите градови во регионот постојано се зголемува бројот на напуштените кучиња. Нивните сопственици ги оставаат на улиците, така да низ градот можат да се видат и кучиња од расите на пекинезер, пит бул, и лабрадори.

Градоначалниците од Источно планскиот регион пред четири месеци заеднички донесоа заклучок дека е потребен регионален пристап за прскање против комарци и изградба на регионален стационар за бездомните кучиња, со цел да се решаваат овие проблеми, за кои реагираат и граѓаните и Здруженијата за заштита на животните. вдј/см/